Русија и Турција во второто тримесечjе од 2015 година планираат да ја потпишат меѓувладината спогодба за изградба на гасоводот „Турски тек“, а испораките на гас ќе почнат на крајот на 2016 година, се посочува во соопштението на руската компанија „Газпром“.
-Се договоривме работата да ја организираме така што во вториот квартал од годината ќе потпишеме меѓувладина спогодба за гасовод, а првиот гас кон територијата на Турција ќе се испорача во декември 2016 година. Моќноста на првиот дел од гасоводот – 15,57 милијарди кубни гас – целосно ќе биде наменет за турскиот пазар, посочува првиот човек на „Газпром“ Алексеј Милер.
Капацитетот на целиот гасовод, со должина од 900 километри, ќе биде 63 милијарди кубни метри гас годишно, а ќе може да се користи од европските земји. „Газпром“, меѓутоа, во средината на јануари ги предупреди токму европските земји дека тие самите, за сопствена сметка, треба да изградат гасоводи, бидејќи нема намера да ги снабдува со гас преку територијата на Украина, забележуваат француските медиуми.
„Газпром“ денеска прецизира дека ќе изгради подводен дел од „Турски тек“ преку Црно Море, а надземниот дел во Турција ќе го гради заедно со турската компанија Боташ (Botas).
Рускиот претседател Владимир Путин на 1 декември, при својата посета на Турција, соопшти дека под сегашните услови Русија не може да продолжи со реализација на проектот „Јужен тек“, што се предвидуваше да минува преку Црно Море до Бугарија и да испорачува гас за европските земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


