Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска на Европската унија, која критикуваше за масовните апсења на претставниците на опозициските медиуми во Турција, ѝ порача да си ја „гледа својата работа“.
– Европската унија не може да се меша во мерките преземени во согласност со владеењето на правото против елементите кои ја загрозуваат нашата национална безбедност – рече Ердоган во телевизиското обраќање, првото по вчерашните апсења.
Треба да си ја гледаат својата работа, додаде тој.
Како што наведуваат британските медиуми, Ердоган изјави дека рациите во медиумите блиски до муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, биле дел од неопходниот одговор на „валканите операции“ на политичките непријатели и ги отфрли критиките на ЕУ.
– Тие зборуваат за слобода на печатот, но рациите немаат ништо со тоа… Ние не ѝ браниме на ЕУ да зборува за тоа, дали ЕУ нѐ прифаќа како членка или не, немаме такви грижи. Ве молам, задржете ја својата мудрост за себе – рече турскиот претседател.
Турската полиција вчера почна операција на апсења на следбеници на ривалот на Ердоган, имамот Ѓулен, извршувајќи рации во 13 града низ Турција, вклучувајќи го и Истанбул, а повеќе од 20 лица се уапсени, меѓу нив и новинари, извршни директори, продуценти и телевизиски лица блиски до Ѓулен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


