| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Народот не можат да го освојат со тупаница

Ѕидот меѓу СДСМ и освојувањето доверба е народот, кој не се руши, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг во Карпош, каде што беше промовирана кандидатката за градоначалник на општината, Јагнула Куновска.

– Ги гледав вчера, кога се промовираше Јани Макрадули во Универзална сала, направиле некој импровизиран ѕид и го рушат, а не знаат дека ѕидот меѓу нив и освојувањето на довербата е народот. Народот не можат да го освојат со тупаница, не можат да го скршат. Макрадули и Црвенковски не разбираат дека тоа е ѕид што не се руши. Ама овој народ во Македонија не се руши. Овој народ гледа и сака дела, конкретни проекти, напредок… – рече Груевски.

Тој подвлече дека претседателот на СДСМ во говорите зборува за општи поими, а никаде не зборува за проекти.

– Единствената шанса која ја гледа за мотивација на членовите е дека ќе издејствува оти ќе има предвремени парламентарни избори. И да има предвремени избори, ќе загубат како што ќе загубат и на овие локални, а на 24 март ќе се уверат во тоа – рече Груевски.

За вчерашната изјава на Црвенковски дека нема да се повлече, Груевски истакна дека тоа е добра вест за ВМРО-ДПМНЕ, но лоша за Македонија затоа што уште долго ќе има лоша опозиција.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на митингот во Карпош ја побара довербата на граѓаните за својата кандидатка за градоначалник на оваа општина, Јагнула Куновска.

– Дојдено е време ВМРО-ДПМНЕ да ја добие довербата во Карпош, па да видите што е работење и што се проекти. Дајте ѝ ја довербата на Куновска, па ќе видите што е динамика, енергија и работа – рече Груевски.

Груевски побара доверба од жителите на Карпош и од скопјани за кандидатурите на Куновска и на Коце Трајановски укажувајќи дека истовремено е значајно владејачката ВМРО-ДПМНЕ да добие мнозинство во општинските совети за да може да ги реализира проектите што ги ветува. Тоа е потребно, како што рече, за да не се повторело искуството со опструкциите во општина Карпош, каде што се кочеле проектите на власта на сите можни начини.

jagnula-kunovska

Презентирајќи ја изборната програма, кандидатот за градоначалник Јагнула Куновска рече дека таа е изработена во соработка со жителите на Карпош, врз основа на нивните потреби и желби.

– Клучно во програмата е економски развој на oпштина Карпош преку отворање нови работни места за да ја извлечеме општината од летаргијата во која западна во изминатите 10 години и да се приклучи во економскиот развој како останатите скопски општини – рече Куновска пред своите сограѓани на вчерашниот митинг во Карпош.

Од предвидените 117 проекти, нагласи, 50 се капитални, а ќе бидат изградени со финансии од буџетот на Општина Карпош, во соработка со Град Скопје и со поддршка на Владата.

Покрај отворањето економска зона во Бардовци и индустриска зона во Лепенец, ги наброја и проектите за изградба на зелени пазари, нови катни гаражи, детска градинка, православен храм во центарот на Карпош.

Во Карпош ќе се работи на обнова на Драмскиот театар преку модел на јавно-приватно партнерство,  изградба на нова градинка, нови училишни спортска сала,  изградба на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, како и изградба на кружен тек на улицата Скупи, проширување на булеварот Илинден кон Ѓорче Петров, изградба на катни гаражи…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top