Српскиот интернет портал Telegraf продолжи со разоткривањето на мистеријата поврзана со сефот на Јосип Броз Тито и потеклото на богатството кое што Маршалот љубоморно го чувал далеку од очите на јавноста.
Така, најновите сознанија на споменатиот портал говорат дека Јосип Броз Тито имал уште еден трезор по кој се уште се трага, а постојат основани сомнежи дека во него се крие уште поголемо богатство!
По објавената приказна за предметите пронајдени во сефот на Тито, па дури и за мистериозниот сафир за кој се претпоставува дека е дел од наследството на руското кралско семејство, во јавноста е претставена нова мистерија – втор таен сеф на маршалот!
Иако поминало повеќе од една година по конечното отворање на сефот на Тито, кој моментално се наоѓа во Народната банка на Република Србија, се уште трае мистеријата за пронајдениот клуч, кој според добро упатените извори на Telegraf, ја отвора вратата од вториот мистериозен сеф на југословенскиот претседател.
“Пронајден е мал клуч во сефот на Тито. Се уште не е пронајдена бравата која што со него се отвора, но постои основан сомнеж дека другарот Тито имал и втор трезор и дека токму тоа е клучот од истиот”, изјавил неименуваниот извор, додавајќи дека клучот бил пронајден помеѓу нештата кои што лично му припаѓале на кралот Александар I Караѓорѓевиќ, како што се табакерата, неговите очила и парите.
“Засега се уште се е под велот на мистеријата. Се сомневаме дека вториот трезор бил сместен на Бриони, каде што Тито најмногу сакаше да престојува, а потоа, по некои засега се уште непознати канали, сефот завршил во Србија”, додал изворот во интервјуто за српскиот портал.
Престолонаследникот Александар II Караѓорѓевиќ во разговорот со српски Novosti изјавил дека неговото семејство е запознаено со содржината на сефот, нешта кои што диктаторскиот режим ги украл од неговото семејство.
“Предметите во сефот им припаѓаат на потомците на кралот Петар, принцот Томислав и принцот Андреја. Ние сме законски наследници и бараме итно враќање на имотот кој што е украден за време на диктатурата на Броз”.
“Топло и препорачувам на државата да ги врати веднаш овие предмети и да престане да купува време. Доста беше! Човековите права на моето семејство и понатаму се прекршуваат. Целиот имот конфискуван со актот кој го потпишал Едвард Кардељ на 2 август 1947 година, исто така мора да биде вратен на кралското семејство”, заклучил Александар II Караѓорѓевиќ.
Во првиот сеф на Јосип Броз Тито беше пронајдено:
● 29 килограми и 366 грама злато
● 2.663 златници и дукати
● 26.219 американски долари
● 1.271 монети
● 36.000 германски марки
● 149 парчиња накит, кој што припаѓал на семејството Караѓорѓевиќ
● Синиот сафир на Романовиќ
● 18 комплети сребрен и позлатен прибор за јадење
● 83 копчиња за манжетни, кутии за цигари, медалјони привезоци, значки и друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.