| четврток, 6 декември 2018 |

Џихадистите се попопуларни во Европа отколку на Блискиот Исток

dzihadisti_terorirsti-650x396

Анализата на социјалните мрежи покажа дека популарноста на Исламската држава расте со оддалечување од зоните зафатени од војна.

Поддршката што џихадистите на Исламската држава меѓу корисниците на социјалните мрежи во Белгија, Велика Британија, Франција и во САД е поголема од кај корисниците во Сирија и во Ирак, покажува анализата на италијански научници, пренесе „Гардијан“. Студијата е спроведена на повеќе од два милиона пораки на арапски јазик на „Фејсбук“ и на „Твитер“ во период од три и пол месеци.

Се покажа дека Исламската држава, на пример во Сирија, драматично ја губи популарноста бидејќи за нивниот поход и намерите да воспостават калифат негативно се изразиле 92 процента од анализираните корисници.

Освен по ѕверствата, џихадистите се познати по забрзаната пропагандна машина зад која стојат професионалци обучени успешно да ги заобиколат сите пречки на кои можат да наидат на интернет. Нивните напори, се чини, не даваат ефекти. Иако поддршката на исламска држава, главно, е занемарлива, во последно време се бележи благ пораст меѓу членовите на заедницата на интернет. 48 проценти од коментарите во Катар, 35 проценти во Пакистан, 31 процент во Белгија и речиси 24 проценти во Обединетото Кралство и 21 во САД се заведени во корист на џихадистите. Малку помала поддршка е забележана во Јордан, каде што помалку од една петтина јавни истапи на социјалните мрежи може да се сметаат за проџихадистички, а состојбата е речиси идентична во Саудиска Арабија и во Ирак.

Тимот што го спроведе истражувањето собра стручњаци од многу области – политиколози, преведувачи и статистичари, кои утврдија дека религиозната легитимност на Исламската држава е една од основните точки на спорење во интернет-заедницата. Меѓу јавувањата интонирани против Исламската држава, една третина забележуваат на злоупотребата на исламот поради тесни приватни интереси.

Аналитичарите како пример на таквиот сегмент издвојуваат еден твит: – Тие се тирани што го нарушија исламот. Поради џихадистите нашата религија секојдневно изгледа како немилосрдно сексуално чудовиште.

Речиси една третина антиџихадистички јавувања на интернет искажуваат гнев поради насилните методи кон кои се свртува Исламска држава, додека нешто помалку од една петтина истакнуваат ограничување на политичките и религиозни слободи.

Во исто време, во значително помала групација на тие што на интернет се изјаснуваат афирмативно за Исламска држава, како најдобра карактеристика на организацијата се препознава нивниот потенцијал да собираат симпатизери со религиски аргументи.

Иако се верува дека омразата кон западниот систем на вредности е еден од клучните обединувачки фактори на поддржувачите на џихадистите, анализата на италијанските научници покажа дека тој став го делат нешто повеќе од осум проценти испитаници.

Пребарувајќи ги поимите како  калифат или името на лидерот на Идил Абу Бакр ел Багдади, најдени се повеќе од два милиона коментари, од кои огромен број се на „Твитер“.

Истражувањето покажа и дека најдраматичните настани на теренот во голема мера го одредија сегментот на заедницата на интернет кон џихадистите. Сцените со насилство какви што беа сечење глави на американските новинари или масакрот на малцинствата, влијаеа на големиот пад на популарноста на организацијата. Исто така, кога меѓународната заедница почна бомбардирање на џихадистите, забележан е пораст на нивната популарност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top