
Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор
Разговарајќи на тема државен испит и моето толкување дека студентите кои имаат реално знаење нема од што да се плашат – Григориј (иако сè уште многу далеку од академските води, а на екстерното беше покажал одлични резултати!), ме предупреди – да не бидам „за“! Во училиштето кај него (пред воведувањето на екстерното тестирање), учениците од погорните одделенија не се „согласувале” со екстерно тестирање! Но, моите аргументи „за“ – тој што учи нема од што да се плаши – му треба само прелистување на поминатиот материјал, ги разбра и се повлече!
И средношколците протестираа против „екстерното”, а потоа излезе дека – не било страшно, дека прашањата биле лесни! Се разбира, за оние кои учеле/учат!
Чудно, ама изгледа дека евалуација на знаењата (преку државен испит кој би се реализирал во одделни нивоа на студирањето) – не сакаат ниту студентите; некои, од нив! А, причините за „контра“ државниот испит (практично сè уште во најава – допрва ќе се /до/дефинираат некои елементи поврзани со неговото спроведување), не се јасни, немаат цврста, валидна подлога, која може да ја оправда реакцијата на неформалното тело Студентски пленум (СП) – изразена преку протести!
Анализирајќи ги случувањата (разговори/дебати, изјави, коментари по медиуми/портали) околу протестите против „државниот“, може да се детектираат сите нелогичности на образложенијата кои ги даваат од СП како оправдување за нивното неприфаќање на истиот. Воедно, сакале не сакале, се откриваат и причините – зошто поедини професори или политички експоненти (иако од таквите СП се дистанцира, ги поддржуваат во нивното „барање“, особено фалејќи ја нивната одважност – што излегле на протести за таа „цел“!
Еве некои од клучните аргументи на СП (или небулози?) околу државниот испит – во најава!
Упорно зборуваат за екстерно тестирање – а се работи за државен испит, насочен во прилог на нивната идна компетитивност – во прилог на државата!
Упатуваат ултимативни условувања кон МОН и кон Владата – за сè можеле да разговараат, ама не и за воведување евалуација на стекнатите знаења (во тек на студирањето?); дебата не можело да има околу моделот на „екстерното тестирање“. (Упорно го игнорираат терминот – државен испит! На ист начин како опозициската СДСМ!)
Забелешка: СПУКМ – како легално избрано студентско тело, секако треба да биде вклучено во какви било официјални разговори на студентите со државните органи.
Не може човек да не се запраша – од каде таа потреба за жестоко спротивставување на потребата на државата – да стекне увид во реалните знаења на оние во кои вложува, на оние, на кои утре ќе го потпре својот развој и просперитет! И, она што мене лично ме запрепастува е жестината на нивното одбивање, воопшто да се зборува за евалуација на стекнатите знаења! Чуден (не)академски став?! Ќе продолжеле со протести додека не ја „натераат државата да се откаже“ од најавената мерка во високото образование, повикувајќи ги и средношколците и родителите и роднините… да им се придружат??? Го игнорираат фактот дека поголем дел од родителите (ТВ-анкети/разговори на оваа тема) ја прифаќаат проверката на знаењата на нивните деца-студенти!
Со воведување државен испит се загрозувала автономијата на универзитетот?! Универзитетот бил највисока образовна инстанца во општеството и извршната власт не смеела да интервенира на „ваков начин”?! Или не знаат што точно подразбира универзитетската автономија или ја манипулираат јавноста?!
Била загрозена нивната слобода? Не е јасно на кој начин државниот испит би влијаел врз нивната слобода?! Можеби поради обврските (учење/повторување на материјалот) за најавениот испит?!
Ги обесправувал студентите и следствено на тоа тие биле против негово воведување?! И, прашање, едно од оние за кои тие што протестираат не сакаат да слушаат: – Дали беа/се обесправени медицинарите и стоматолозите, кои повеќе од четири децении полагаат државен испит на материјал од стручните предмети, положени во текот на студирањето (од прва до петта/шеста година); се сметаат ли себеси за обесправени тие кои државниот испит го прифаќаат како најнормална работа, како неприкосновен услов за добивање лиценца по дипломирањето, како дефинитивно обезбедено право – да го работат она за што се образувале???
Што мислите, почитувани студенти, како на ова гледаат пациентите, родителите и роднините /граѓаните/ кои ги повикувате да ви се придружат во маршот и „борбата“ против ваквиот испит на другите факултети?!
Било загрозено нивното право на образование?! Уште едно паушално тврдење/толкувања! Кога било поголемо правото и можностите за образование во Република Македонија, на секој што сака – што смета дека има капацитет да се стекне со високо образование? (Доволно е да се споменат само – десетина пати пониските партиципации денеска).
Некои размислуваат околу стратегиите, како (студентите) да ги одржат протестите против „државниот“ – во живот? А, очекувањата на добронамерните се: студентите да протестираат во корист на поквалитетен образован процес: предавања збогатени со најнови сознанија од соодветната образовна сфера, современи наместо застарени учебници, факултетски библиотеки богати со најсовремена стручна литература, услови за солидни и доволно застапени практични вежби…
Изнесените „аргументи“ на СП укажуваат – или на паничен страв (на некои студенти!) од најавениот државен испит (поради личните сомневања во реалниот квантум на стекнатите знаења на одредено ниво од студирањето) или на нивно вклопување во некаква/нечија (не)образовна шема! Како да го сфатите коментарот на претставник на СП (во разговор на ТВ „24 Вести“) во врска со паричната казна од 100 денари предвидена за четвртото (по три бесплатни!) полагање, 1.000 денари за петтиот пат ….) – дека парите можеби „им требаaт“ (на кого?) за полнење на буџетот??? „Интересни” аргументи, посебно последниот! Нема ли ова мирис на политички памфлет?!
Но, тоа е тоа. Такви се приодот и толкувањето на работите на некои од оние, на кои утре треба да се потпре македонското општество!
Се согласувам со сите оние (A. Русјаков; Нова Македонија, и др.), кои гледајќи го во студентите она што сè: академски подмладок, енергија на која сметаат општествата – дека таа сконцентрирана енергија треба да биде употребена во корист на општеството, на својата земја, да дејствува не само за своите образовни и секакви животни интереси – туку и пошироко. Зашто наша Македонија (и македонскиот народ), особено денеска, има потреба од сите оние кои можат моќно да го кренат својот глас против дискриминацијата која ѝ се случува – да биде единствената земја на светот на која ѝ се оспорува она што е свето право и важи за секоја друга држава – да се нарекува така како што се нарекува, да го носи своето име! Македонија денеска е единствената земја од која се бара да се откаже од својот вековен, личен, препознатлив идентитет! Од почитуваните наши студенти, меѓу другото, се очекува бурна реакција против оваа бесмисленост! Тоа е очекување од еден млад, снажен, елитен слој на државата, во одбрана на најголемиот идеал на човештвото – почитување на дигнитетот!
Треба да бидат и „да останат револтирани“! Ама не против проверката на знаењето! Тие имаат и друга, голема одговорност во државата! Не смеат да се претворат во (ничија) монета за политички поткусурувања, за поддршка на чии било политички амбиции! Сакам, и верувам дека така ќе биде!
А, за оние кои во најавата на државниот испит и студентските протести против него гледаат – „марш за академска и човечка слобода”(?) или „нивното НЕ ја скрши агресивноста на Власта“, нека не ги пребојуваат студентите со туѓи, нестудентски бои! И не се согласувам со оние кои велат, дека „студентите се најнепредвидливата категорија граѓани” – зашто е навредливо! Ги смета ли некој за недоветна манипулативна маса неспособна за реални процени? Затоа ли беше повикот/сугестијата до студентите (во текст на еден портал;М.Ј) – дека студентите требало да бараат оставка од премиерот(?) – токму тоа требалo да бараат бидејќи „токму оставката на Груевски можела да биде решение за нивните барања… Решението било во промена на власта”… Да нема евалуација на знаењетo??? „Аполитички“ и „инвентивен” предлог!
И, на крајот, наместо заклучок, ќе ги понудам зборовите од насловот – се работи за НЕБУЛОЗИ СО ПОЛИТИЧКИ ШМЕК ИЛИ УЦЕНА… Процената е ваша!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


