
Од први јануари 2015 година се воспоставува нова традиција во концертната политика на Македонската опера и балет (МОБ) и Македонска филхармонија. На први јануари, во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се одржи концерт на ансамблот на МОБ, а седум дена подоцна, на најголемиот христијански празник, Божик, концерт во истиот простор, во МНТ ќе одржи Македонската филхармонија. Овие концерти ќе станат традиционални и ќе се одржуваат секоја година.
Ова го најавија министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, Маја Чаначевиќ, директорка на Македонксата филхармонија и Дејан Прошев, првиот човек на МОБ.
– Новогодишниот концерт на МОБ во МНТ ќе биде збогатен со балетска претстава која ќе се одвива во фоајето на новоизградениот театар, како што е тоа вообичено во сите светски центри. Целиот настан ќе биде пренесуван во живо на Македонската телевизија – изјави Канческа-Милевска.
Билетот за Новогодишниот концерт на МОБ ќе чини 800 денари.

Дејан Прошев
– Концертот на МОБ ќе го води диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ. Ќе бидат изведени арии и дуети од оперети, хорски, оркестарски, балетски нумери од делата на светски композитори, валцери и полки. Ќе настапат оперските солисти Каталина Бертучи од Австрија, Сања Керкез од Србија и македонските Благица Поп Томова и Ѓорѓи Цуцковски, балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичијашвили и Бобан Ковачевски, Хорот, балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ – рече Прошев.

Маја Чаначевиќ
Чаначевиќ се заблагодари на поддршката од министерството за култура и на Владата.
– Македонската филхармонија секоја година се обидува да го привлече вниманието на љубителите на класичната музика. Божикниот концерт ќе содржи дела од Бах, хендел, Моцарт, Вивалди. Диригент на концертот ќе биде маестро Борјан Цанев, а солист Сандра Митревска. Овој период во уметноста, барокот, изобилува со дела кои се најсоодветни за овој период од годината. Божик е најголемиот христијански празик во кој се слави раѓањето на Исус Христос. Се надевам дека по божикната литургија ќе дојдат да го посетат и Божикниот концерт во МНТ – изјави директорката на Филхармонија.
Филхармонија ќе ја продолжи практиката и ќе ги организира традиционалниот гала концерт „Ѕвездена прашина“ како и традиционалниот концерт за деца во Универзална сала. На 21 декември во 12 часот Македонската филхармонија во Универзалната сала ќе го организира концертот за деца и на 24 декември во МНТ концерот „Ѕвездена прашина“ на кој ќе бидат изведени познати вокално-инструментални џез-композиции. Макеодонската опера и балет, пак, ќе ја продолжи 25-годишната традиција и во јануари ќе го организира концертот за празникот Василица.
Билетите за Божикниот и за концертот за Василица ќе бидат пуштени во продажба и ќе чинат по 500 и 600 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


