Во НБА лигата синоќа беа одиграни 11 натпревари. Најинтересно беше на дуелот во Бруклин, каде што Нетс ги пречекаа Бакс.
Џејсон Кид беше пречекан со свирежи како тренер на Милвоки, но тоа не им помогна на домаќините да запишат триумф на крајот од мечот. Избраниците на Џејсон Кид по три продолженија успеаја конечно да ги скинат „мрежичките“ со резултат 122:118, најмногу благодарение на Паркер со 23 и Мајо со 21 постигнат поен.
ЛА лејкерс врзаа две победи по ред, и тоа на гостински терен откако Коби и соиграчите по Атланта, го освоија и Хјустон. Брајант со 29 поени беше најзаслужен и за овој триумф на „езерџиите“, додека кај Хјустон главна фигура беше Харден со 24 поени и 7 асистенции.
Актуелниот шампион Сан Антонио Спарс славеше над новиот тим на Леброн, Кливленд кавалирс. „Мамузите“ стигнаа до триумф среде Кливленд со минимални 90-92, а главен виновник за тоа е токму Леброн, кој потфрли во самиот финиш. Леброн на девет секунди до крајот имаше напад за израмнување, но ја загуби топката и му овозможи на шампионот да стигне до нова победа.
Леброн ионака имаше слаб меч во кој реализираше само 15 поени, а најефикасен во Кливленд неочекувано беше Андерсон Варежао со 23 поени, додека најдобар стрелец на Сан Антонио на овој меч беше Французинот Диав со 19 поени.
Резултати НБА:
Детроит – Феникс 86-88, Торонто – Мемфис 96-92, Кливленд – Сан Антонио 90-92, Индијана – Шарлот 88-86, Орландо – ЛА клиперс 90-114, Филаделфија – Бостон 90-101, Вашингтон – Далас 102-105, Бруклин – Милвоки 118-122 (по три прод.), Минесота – Њујорк 115-99, Денвер – Оклахома 107-100, Хјустон – ЛА лејкерс 92-98.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


