Удвоени смс пораки или пораки кои воопшто не се испратени до корисниците, прекинати телефонски повици, слаб интернет – корисниците на мобилната мрежа Т-мобиле се жалат на лошата услуга и катастрофалната конекција. Според нив овие проблеми се провлекуваат честопати, и покрај нивните реакции до контакт-центарот на Т-мобиле.
-Утринава добив смс порака, за кратко време ја добив истата порака повторно. Вратив одговор, а на пораката постојано стоеше дека се испраќа. Откако добив реакција од човекот на којшто му ја испратив пораката дека ја добил неколкупати ја избришав од сандачето. Ова не се случува првпат. Истото ми се случи пред неколку месеци. Се јавив во контактцентарот и ми рекоа дека се работи за некаков технички проблем и истото ќе биде корегирано – вели скопјанката Билјана, која е корисник на Т-мобиле.
Корисниците на овој мобилен оператор се жалат дека утрово смс и ммс пораките што ги испраќале не пристигнувале до корисниците за кои се наменети. Покрај проблемите со пораките, се јавуваат и проблеми со конекцијата.
-Честопати ми се случува повикот да се прекине среде разговор. Знам дека понекогаш, заради сигурност, операторите знаат да го прекинат разговорот, но само доколку тој разговор предолго трае. Но сега се случува и во разговор од две минути истиот да биде прекинат – вели корисник на Т-мобиле.
Проблеми има и со интернетот. Корисниците велат дека веќе неколку месеци има проблеми со 3г мрежата. Се јавувале во Т-мобиле, а оттаму секогаш истите совети – рестартирајте го телефонот, не ви е добар апаратот.
– Ми рекоа дека веројатно не ми е добар телефонскиот апарат. Откако им кажав дека се работи за нов телефон, купен од кај нив, еден од поскапите апарати ми дадоа предлог да ја ставам сим картицата во друг телефон за да видам дали е до картицата. Но немаа одговор кога им кажав дека и колегите околу мене, со кои сме во иста просторија и на исти оператор – т-мобиле го имаат истиот проблем – вели корисник на овој оператор.
Важи за најдобар и најстар оператор во земјава. Но судејќи по поплаките кои ги имаат корисниците се поставува прашањето – до кога ќе го имаат приматот најдобри и дали воопшто го заслужуваат?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.