Која е причината за сè почестите железничките несреќи во кои гинат емигранти? Како овие несреќи влијаат врз машиновозачите?
За неполни два месеца се евидентирани пет случаи на железнички несреќи, меѓу кои е и синоќешната, кога двајца браќа емигранти од Сирија беа прегазени од товарен воз на пругата Гевгелија – Табановце. Неофицијално, уште четворица емигранти утринава се прегазени на железничката пруга Зелениково-Велес. Се стравува дека оваа бројка ќе биде драстично зголемена во наредниот период, особено поради фактот што доаѓа зима и честа е појавата на магла, која уште повеќе ќе ја намали видливоста на пругите. Емигрантите се движат по пруга затоа што, прво, сигурни се дека нема да залутаат во непрооден терен и да се загубат, пругата ги води до населени места, а второ, сигурни се дека на овој начин мала е веројатноста да налетаат на полициски патроли. Сега, има шанси машиновозачот да забележи луѓе на пруга, да се обиде да ја намали брзината и со звучна сигнализација да ги предупреди тие што се движат по пругата. Но, во услови на магла, ваквите шанси се значително намалени.
Од МВР велат дека емигрантите најчесто влегуваат од Грција, а поретко од Бугарија и од другите земји. Најголемиот број железнички несреќи во кои гинат емигранти, односно четири од вкупно пет пријавени случаи се на подрачјето на Велес.
– Емигрантите се обидуваат на сите можни начини да влезат во земјава. Поголем број ги користат товарните возови од Грција кон Велес, некои одат пеш или со возила. Има случаи кога емигранти со фалсификувани лични документи од Грција се обидуваат да влезат во земјава, а се поднесени 46 кривични пријави за дури 80 лица за кривично дело шверцување – велат од МВР.
Според нивните податоци, околу 1.300 емигранти се откриени и се вратени во Грција, но дел од нив се наоѓаат во прифатниот центар во скопска Гази Баба, кој е под надлежност на МВР. Околу 1.500 лица, пак, кои имаат побарано азил се наоѓаат во центар под надлежност на министерството за труд и за социјална политика во скопската населба Визбегово.
– Ги преземаме сите можни мерки за да се спречи нелегалната емиграција. Соработуваме со полициите од другите земји, се патролира на пограничните премини, но емигрантите се обидуваат да влезат и легално и нелегално во земјата и сепак ќе најдат начин да се провлечат – велат од МВР.
Од друга страна, машиновозачите на возовите се изложени на стресни моменти, особено тие што ги управуваа возовите за време на несреќите. Ситуацијата е компликувана бидејќи во последниов период е масовна појавата на емигрантите, кои, најчесто, се движат во групи од по 20 до 30 луѓе покрај пругите или на нив, па понекогаш и покрај брзата реакција на машиновозачите, не може ништо да се направи.
И од Македонски железници велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за да се спречи ваквата појава со емигрантите и досега се избегнати многубројни инциденти, но сепак понекогаш поради комплицираноста на моментната ситуација не може ништо да се направи.
– Се работи за неовластено движење, понекогаш нашите машиновозачи не можат ништо да направат за да го избегнат судирот со овие лица. Внимаваат колку што можат, но некогаш, едноставно, е премногу доцна иако досега се избегнати доста инциденти – вели директорот на Македонски железници – Транспорт, Оливер Дерковски.
Според него, нема подрастични случаи во поглед на нарушена психофизичка состојба на машиновозачите, но сепак стресот е голем и, секако, траумата. По ваков инцидент на машиновозачите им следуваат три до пет дена одмор, како и разговор со овластено лице, психолог или социјален работник, објасни Дерковски.
Пишува: Јана Јосифоска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







