Кризата во Металург се продлабочи, играчите одбија да патуваат во Загреб на меч од СЕХА-лигата, што му нанесе голем удар на имиџот на ракометниот бренд од Македонија. Сѐ што се градеше во последните неколку години, може да се урне како кула од карти за миг.
Финансиската криза само навидум е главната причина за дворските игри што добиваат контури на самоуништување на нешто што макотрпно се градеше и ги надмина дури и балканските рамки. Клубот што израсна во препознатлив европски ракометен бренд е пред колапс најмногу поради невештото менаџирање.
Сосема е разбирливо да се подмладува составот, тоа е неминовно во развојот на клубот, но во Металург некој како намерно да ги измеша лончињата.
Ако веќе е решено да се намали буџетот на клубот, проектот да продолжи во поинаков правец, со форсирање на помлади ракометари, со помалку пари, тогаш џентлменски и единствено рационално и исправно ќе беше тоа да им се каже на столбовите на играта на Металург пред почетокот на сезоната.
Мојсовски, Димовски, Миркуловски, Манасков, Вугринец, Јоноски, Марковски, Георгиевски, Станиќ и другите ракометари што сега штрајкуваат, многу успешно учествуваа во неверојатната промоција на клубот во европски рамки. Ако за дел од нив е решено дека се вишок и не се во плановите за иднина, тоа требаше јасно и гласно да им се соопшти. Пред почетокот на новата сезона, машки, како што впрочем Металург играше на сите натпревари во Лигата на шампионите, во СЕХА и во домашното првенство. Како што му прилега на клуб со европски манири.
Металург, најмногу благодарение на сегашната генерација, направи квантен скок од маалски клуб, во препознатлив европски бренд. Секако, со поддршка на сопственикот Минчо Јорданов, кој имаше трпение финансиски да го поддржи проектот, кој е скап, но даде резултати. Клубот експресно прерасна во дестинација што ја посакуваат и врвни ракометни имиња од европскиот крем на ракометот. Здрава средина, која многу успешно промовираше млади таленти, најмногу од Македонија и од Балканот. Кој знаеше претходно кој е Лука Циндриќ, па и Павел Атман, Марсениќ, Борозан, нашите таленти Талевски и Неловски?
Или каде и како брани Дарко Станиќ? Металург им овозможи целосна афирмација или шанса за рехабилитација, нешто што го препозна и ракометната публика од цела Македонија. И го награди со масовно присуство и поддршка на натпреварите на клубот, кој сосема заслужено се вивна високо на европското ракометно небо.
„Никој како тебе друг не го сака Металург…“, е препознатливиот рефрен од трибините на натпреварите на тимот од Автокоманда.
Со само неколку невешти потези, задоцнети одлуки што се криеја од јавноста, на Металург му се заканува самоуништување, со чуден атак одвнатре, од самите структури на клубот. Сега е потребна вистинска реакција од врвот, од самиот сопственик на клубот и од раководството, со јасни насоки и цели.
За да не биде „Никој како тебе друг не го урива Металург“.
Огромна штета за македонскиот спорт би било Металург да потоне во сивило, место да се движи во вистинскиот правец, кон височините што веќе ги достигна.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.