Новиот тренер на МЗТ Скопје на денешната прес-конференција продолжи со расправиите со македонскиот кошаркар што игра во НБА, Перо Антиќ.
Според Стефанов, Антиќ страда од медиумски пубилицитет, а однесувањето на високиот центар е причината што популарниот Врба си замина од кошаркарската репрезентација на Македонија.
– Токму поради Антиќ си заминав од нациoналниот состав. Тој нè лажеше и манипулираше со сите. Тој сега сака да ме испровоцира пред натпреварот со Солнок и место да се сконцетрирам на мечот, кој е многу важен за нас, енергијата ја трошам за Антиќ, кој ме навреди мене и моето семејство. Македонија мора да ја знае вистината – изјави Врбица Стефанов на денешната прес-конфереција.
Стефанов посочи дека лично се заложил во 2009 година Антиќ да биде вратен во репрезентацијата, откако тогашниот селектор Јовица Арсиќ го избрка поради физички напад над соиграч во националниот тим.
– Перо заборави кој го врати во репрезентацијата. Ќе потсетам, тој наоѓаше изговори за да не тренира со репрезентацијата поради тоа што чорапите биле обоени за време на перењето – ова не смее да биде изговор за неговото однесување. Па тој не знае ни што значи да се биде капитен – дополни Стефанов.
– Истиот тој Антиќ се дрзна да да пишува за мене дека јас сум му се додворувал некому за да дојдам до оваа функција – заврши Врба.
Перо Антиќ вчера преку социјалните мрежи го нападна Врбица Стефанов дека му се додворувал некому за да дојде до тренерското место во првиот состав на македонскиот шампион МЗТ Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.