Во последниот натпревар пред почетокот на ракометната Лига на шампиони екипата на РК Вардар вечерва во рамките од СЕХА лигата ја совлада екипата на Нексе со 32-21. Иако се на последното место на табелата гостите покажаа дека можат да играат цврст натпревар и да се носат со најсилните екипи во ова натпреварување и покрај тоа што резултатот не го покажува тоа.
Вардарци денеска не настапија без Лацковиќ, Растворцев и Ангелов, но и без нив играа цврста одбрана и разноврсен напад. Тренерот Раул Гонзалес испробуваше повеќе тактики во пресрет на првиот натпревар од Лигата на шампионите против Целје кои црвено-црните го играат следниот викенд.
Иако беа во составот Штербик и Чипурин воопшто не настапија на овој меч.
На почетокот реализацијата беше на слабо ниво и за 12 минути беа постигнати вкупно 5 гола. Сепак во продолжението од натпреварот стрелците на двете екипи лесно стигнуваа до мрежата на противникот. Првата поосетна предност како фаворит Вардар ја оствари во второто полувреме кога во игра влезе новото засилување Горбок кој набрзина постигна пет гола.
Тој беше најдобар стрелец кај Вардар, а по него следуваа Марковиќ и Дујшебаев со 4. На голот денеска во текот на сите 60 минути се наоѓаше извонредниот Страхиња Милиќ кој одбрани 16 удари кон неговиот гол плус три пенали.
Кај гостите се истакнаа Етер Албин и Мирко Херцег постигнаа по 6 гола.
Следниот натпревар во рамките од СЕХА лигата Вардар го игра на 30 септември против ППД Загреб. Овој натпревар ќе биде последен во СРЦ Кале, а потоа црвено-црните се селат во нивната нова сала СЦ Јане Сандански.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.