| четврток, 6 декември 2018 |

Позитивни трендови во осигурителниот сектор, Македонија со највисока стапка на раст на животно осигурување

Osiguruvanje

Позитивни трендови во осигурителниот сектор (и во делот на неживотното и во делот на осигурување на живот), покажуваат резултатите на пазарот на осигурување за првата половина од годинава. Македонија споредено со земјите од регионот има највисока стапка на раст на осигурувањето на живот, која изнесува изнесува 19,83 отсто.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски денеска на прес-конференција на која беа презентирани резултатите, рече дека според нивните проекции, до крајот на годинава овие позитивни трендови во осигурителниот сектор ќе продолжат при што во делот на осигурување на живот се очекува 20 отсто да расте пазарот споредено со цела 2013 година.

Во првата половина од годинава, посочи тој, е остварена бруто полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 3,98 милијарди денари што претставува пораст од 9,72 отсто во однос на БПП остварена во првата половина од 2013 година (3,62 милијарди денари).

– Позитивниот тренд е присутен во делот на неживотно осигурување (остварена БПП во износ од 3,59 милијарди денари, што е пораст од 8,74 отсто во однос на истиот период од 2013 година или таа изнесува 90,32 отсто од вкупната БПП на осигурителниот сектор). Овој висок пораст во делот на неживотното осигурување пред се се должи на порастот на осигурувањето на имот од 23,61 отсто со БПП 954 милиони денари и на осигурување од автомобилска одговорност од 4,26 отсто со БПП од 1,63 милијарди денари, потенцира Попоски.

Појасни дека највисок пораст по одделени видови на осигурителни продукти бележи земјоделското осигурување и тоа пораст од 34,77 отсто на остварената БПП која изнесува 105 милиони денари, а првпат на пазарот на осигурување се нудат производи за дополнително здравствено осигурување при што во првата половина од годинава се продадени 233 договори за доброволно здравствено осигурување со премија од 1,54 милиони денари.

Во делот на осигурување на живот, нагласи тој, продолжува двоцифрена стапка на пораст и годинава и таа изнесува 19,83 отсто при што остварената БПП изнесува 385 милиони денари.

Попоски рече дека во рамки на одделните класи на осигурување во однос на структурата на вкупната БПП, продолжува трендот на намалување на релативното учество на задолжителното осигурување од автоодговорност со учество од 40,98 отсто, додека пак се забележува постојан тренд на пораст на учеството на осигурувањето на имоти со учество од 23,99 отсто.

– Друштвата за осигурување во првата половина од 2014 година исплатиле бруто-износ на штети од 1,40 милијарди денари. Во споредба со првата половина од 2013 година бруто исплатените штети бележат пад од 0,95 отсто, додаде Попоски.

Извршниот член на Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурување, Зоран Стојановски рече дека во периодот од 1 јануари до 30 јуни годинава осигурителниот сектор остварил добивка од 157 милиони денари, кај друштвата за неживотно осигурување загуба во износ од 44 милиони денари прикажале четири друштва, а останатите седум остварија добивка од 206 милиони денари, а друштвата за осигурување на живот оствариле загуба во износ од четири милиони денари.

– Во првата полоцина од 2014 година друштвата за неживотно осигурување најголем дел од средствата кои ги покриваат техничките резерви ги пласираа во државни хартии од вредност издадени од Република Македонија во износ од 51,24 отсто, во депозити во банки пласманот изнесува 44,97 отсто, во акции 0,96 и во инвестициски фондови 2,83 отсто. Друштвата за осигурување на живот најголем дел од средствата кои ја покриваат техничките резерви ид математичката резерва ги пласираа во хартии од вредност издадени од РМ во износ од 76,6 отсто, посочи Стојановски.

Нагласи дека клиентите кои се незадоволни од услугите кои ги пружаат осигурителните компании доставуваат претставки до Агенцијата, па така од 1 јануари до 30 јуни се поднесени 82 претставки од кои 57 се решени, осум се во процес на решавање, а 17 се без основ за постапување.

Тој додаде дека најголем процент од поднесени претставки (50 отсто) од граѓаните поднесени до Агенцијата се во сферата на автодговорноста и се однесуваат на брзината во однос на исплатата на штети, брзината во однос на нивно ликвидирање, во однос на износот итн.

Во врска со нивните проекции до крајот на годинава, Попоски истакна дека она што како дополнителен стимул го очекуваат во делот на осигурувањето на живот е поголемата вклученост на банките како алтернативен канал за продажба на продукти за осигурување на живот односно промоција на познатиот концепт „банка осигурување“.

Посочи дека само една комерцијална банка официјално има добиено согласност за да работи како банка осигурување, но има најави за вклучување и на други банки.

– Очекуваме стапката на пораст на неживотното осигурување да има одредено ублажување односно да не расте со таква динамика. Она што на страната на побарувачката во делот на неживотното осигурување дава дополнителен стимул претставува отворањето нови фабрики и странските директи инвестиции кои влијаат на побарувачката за имотно осигурување, менаџерско осигурување, осигурување од незгода, транспортното осигурување…, додаде Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top