Француската полиција уапси човек за кој има сомневање дека регрутирал млади исламски екстремисти за граѓанската војна во Сирија, соопшти Министерството за внатрешни работи на Франција наведувајќи дека станува збор за „особено опасен човек“.
Мурад Фарес (30) е уапсен на парискиот аеродром „Шарл де Гол“, речиси еден месец откако бил притворен во Турција, која се смета за транзитна земја за луѓе кои сакаат да се приклучат на џихадистите во Сирија.
Фарес, кој потекнува од алпскиот регион на истокот на Франција, заминал во Сирија во јули 2013 година. Тој имал контакти со Исламската држава, а потоа и со Нусра фронтот кој е поврзан со Ал Каеда. Француските разузнавачки служби долго се сомневале дека Фарес е еден од луѓето кои заведуваат млади Французи да се приклучат на џихадистите во Сирија, а значајна улога имал во Тулуз и во Стразбур.
Во Франција има околу 5 милиони муслимани и е земја со најголема муслиманска популација во Западна Европа. Земјата е особено загрозена од феноменот на повратници од џихад. Властите проценуваат дека околу 900 луѓе со француски пасоши учествуваат во џихадот во Сирија и стравуваат дека тие луѓе се стекнале со вештини за терористички напади во својата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.