Германскиот магазин Шпигел (Spiegel) пишува дека новиот бран доселеници во Германија е многу поразличен од нивните претходници во 60-тите години на минатиот век. Новодојденците сега не застануваат зад мијалниците во рестораните, туку се во бели мантили во универзитетските лаборатории. Наместо да ја завршат работата која Германците не ја сакаат, дојденците се едуцирани и според магазинот тие се елитен слој кој полека го менува ликот на имигрантите во цела Германија.
„Новиот квалитет на имигрантите ни е пратен од Бога“, вели министерот за труд, Урсула фон дер Лаен.„Тие и помагаат на државата, ја помладуваат, ја прават покреативна и космополитска. Сите заработуваат. Младите луѓе заработуваат, бидејќи можат да започнат својата кариера, но исто така и нашето општество, бидејќи квалификуваните кадри ги пополнуваат отворените позиции”, посочува Лаен.
Германија страда од прогресивно старење на населението. Математиката е едноставна, економската сила на земјата може да биде поддржана само ако дојденците се побројни од оние кои си заминуваат, а ги има по 400 илјади луѓе секоја година. Тоа треба да трае неколку години, велат од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Во спротивно, работната сила ќе се намали толку многу што во 2025 година во земјата ќе недостасуваат 5.5 милиони подготвени работници. Овој недостаток се чувствува уште денес во најразвиените германски региони – три од четири мали и средни компании имаат проблеми во пронаоѓањето на професионалци, покажуваат податоците на германската асоцијација на стопанските комори и индустријата. Една од секои три компании одбива работа бидејќи нема доволно работници, истакнуваат од федералната асоцијација на малите и средните претпријатија.
До неодамна во Германија се гледаше со отпор кон имигрантите, вели експертот Клаус Баден и додава дека сега тоа почнува да се менува. Во Хамбург е формиран специјален центар „Добредојдовте” за новите имигранти, каде различни бирократски услуги се вршат на едно место. Речиси сите работници зборуваат англиски и ги поздравуваат посетителите со ракување наместо со традиционалното „земете си бројче и почекајте.”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


