| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓоковиќ убедливо прв, Серена без конкуренција

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ и понатаму се наоѓа на првото место на АТП листата пред почетокот на УС Опен.

Ѓоковиќ е прв со 12.770 бода, 2100 повеќе од второпласираниот Рафаел Надал. На третото и четвртото место се швајцарските тенисери, односно Роже Федерер и Станислас Вавринка.

На женската ВТА листа и понатаму без конкуренција е Серена Вилијамс со 9.430 бода. На второто место е Романката Симона Халеп со 6.310 поени, додека по неа следуваат На Ли, Петра Квитова и Радванска.

Македонскиот тенисер Томислав Јотовски на најновата ранг листа има мал пад од три позиции и сега се наоѓа на 632 место. Јотовски во однос на претходното рангирање има и еден поен помалку – 44.

Димитар Грабул има скок за 14 позиции и се наоѓа на 681 место, воедно тој има и два поена повеќе од претходната недела – вкупно 37.

Другите македонски тенисери немаат промена на освоените поени и имаат само мали поместувања на АТП листата: Стефан Мицов – 1.236 место (6 поени); Шендрит Деари – 1.300 (5 поени) и Бесир Дургути – 1.521 (3 поени).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top