
Вие бевте меѓу тие што ги поведоа протестите за „Монструм“ во првите редови. Во заднината на протестите се вели дека стои иницијатива за нова политичка партија на етничките Албанци во Македонија. Дали Вие сте дел од таа иницијативна група околу која би се обединило ново членство?
СЕЛА: Не сум единствениот во низата политичари во државата што „поведуваат“ граѓани! Сум бил и претседател на разгранок неколку години, претседател на разгранокот на ДПА неколку години, носител на листа за пратеници во петтата изборна единица, пратеник во Собранието на РМ, кандидат за градоначалник на општина Струга и сега градоначалник на истата општина. Тоа правиме ние политичарите, поведуваме луѓе за да гласат, да поддржат одредена политичка платформа, да ја легитимираат политиката што ја креираме. Секогаш сме во првите редови кога бараме нешто од нив, а редно е да бидеме во истите редови и кога тие бараат нешто од нас. Кога протестираат, на пример. Има и една друга симболика во моето учество и во учеството на моите истомисленици во протестите. Им покажуваме на претставниците на народот што се во опозиција, на претседателот на ДПА, на моите колеги-пратеници, каде треба да бидат. Покрај народот, а не да ја гласаат владата на ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ. Ако ДУИ има добиено мандати за да биде дел од извршната власт, ДПА има добиено мандати за да биде со народот, пред сѐ кога е незадоволен. Да ги предводи во име на правдата имајќи предвид дека опозицијата е моралната власт на граѓаните, а и за да спречи да не излезат протестите надвор од контрола.
А, мојот став околу вашето прашање го имам кажано неколку пати јавно и пак ќе повторам. Јас сум за внатрешни реформи во ДПА, а не за формирање нова политичка партија, односно за оставка на г. Тачи од претседателското место на ДПА и за свикување конгрес, од кој ДПА ќе излезе поорганизирана, поправедна, посилна и победничка политичка опција кај албанскиот политички блок.
За да демонстрира во чии раце е партијата, Тачи ги собра на ифтар сите претседатели на разграноци и на подразграноци. На колкава поддршка сметате во ДПА и меѓу албанското население?
СЕЛА: Тачи не сака да признае дека одамна не е веродостоен кај албанското гласачко тело и со секакви трикови се обидува да ја задржи позицијата на вечен опозиционер кај Албанците. Ифтарот и обидот да покаже дека членството стои зад него не се разликуваат од средбите што за време на кампањата ги држеше во „Сушико“, како што не се разликуваат и од неговите чудни тврдења дека ДПА ќе биде дел од власта по секоја цена, па макар да има и еден пратеник. Сите тие се трикови чијашто цел е неговиот личен опстанок на политичката сцена и по цена на создавање лажна надеж кај Албанците. Таквото негово однесување низ годините никогаш не го величело него лично, туку го направило лажго, ништо друго, со што тој лично придонел ДПА да трпи пораз во секој изборен циклус.
За волја на вистината, Тачи немаше претседатели на разграноци и на подразграноци на ифтар, туку имаше членови на неговото семејство и на семејствата на неговите телохранители. Не можам да сфатам зошто господинот сака да создаде лажен впечаток и слика кога секогаш се соочува со дебакл. Јас сметам на поддршката на сите што не беа на ифтар кај Тачи. А, тие се во огромен број. Сметам и на поддршката на тие што беа на ифтар кај него! На крајот на краиштата, тоа е единствен начин како Тачи да биде дел од власта само со еден пратеник (тој самиот ако остане) бидејќи тогаш нема да му смета на ВМРО да биде дел од власта зашто нема да претставува ништо, а на ДУИ му треба уште еден глас за почнатите уставни промени, по наредба на ВМРО.
Разговаравме за формирање нова партија, тогаш мора да Ве прашам за односите со доскорашните пријатели од ДПА. Какви се Вашите односи со Мендух Тачи?
СЕЛА: Не комуницирам со г. Тачи. И нема да комуницирам сѐ додека не се извини јавно за сѐ што има клеветено против мене. А, по избори планирам да ги викнам на заедничка средба г. Мендух Тачи и г. Али Ахмети, кога движењето за реформи во ДПА ќе ги победи.
Како, пак, ја оценувате соработката во власта меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ? Какви се Вашите искуства со ДУИ? Ве контактираа ли за соработка, да преминете кај нив по кавгата со Тачи?
СЕЛА: Мислите дека кавгата со Тачи е поради лична суета? Грешите. Тачи им обезбедува победа на ДУИ и на г. Али Ахмети во секој изборен циклус. Тврдам дека г. Ахмети ќе оди во опозиција веднаш штом ќе заврши процесот на внатрешни реформи во ДПА. Затоа одговорот на вашето прашање за тоа дали би преминал во ДУИ е „не“. Како прво, имам почит кон себеси. Како второ, не можам да бидам дел од една политичка опција која, откога е стапната на политичката сцена, само ги продава интересите на Албанците во Македонија. И тоа многу евтино.
Покрај Вашата иницијатива, се најавуваат и други нови партии во албанскиот блок, но сите тие играат на националистичка карта, а ниту една не нуди подобра економска платформа со која ќе им се подобри животот на граѓаните, од кого ќе ги бараат гласовите. Зошто?
СЕЛА: Мислам дека сте тенденциозни. Велите се најавуваат, а веќе знаете каква политичка платформа имаат. Нели нема никаква смисла, уште не се формирани, а и не се знае дали ќе се формираат, а веќе знаете дека ќе бидат националисти. Ако е така како што вие тврдите, Македонија нема зошто да се плаши од албански национализам. Треба да се плаши од српскиот национализам поради спорот со црквата, треба да се плаши од грчкиот национализам поради идентитетот, треба да се плаши од бугарскиот национализам поради јазикот. Ако мислите дека Албанците се националисти, тогаш сигурно знаете колку албански споменици има изградени во склоп на проектот „Скопје 2014“? А, ако мислите дека слободните технолошки развојни зони се економија, тогаш најверојатно знаете дека ги нема во западна Македонија поради тоа што македонските политички партии немаат економска платформа, туку националистичка. А овој вид национализам е поризичен за Македонија од сите споменати.
Што е поважно за албанските граѓани во моментов, подобар стандард или додворување со имагинарни проекти за национално обединување?
СЕЛА: Европската унија не е имагинарен проект, а Албанците не се пречка за членство во ЕУ. А, ЕУ значи подобар стандард и реален проект за национално обединување на сите народи.
Вие сте дел од правниот поредок во државата, Вие сте градоначалник, каде што се спроведуваат правото и редот. Како, ако формирате нова партија, би реагирале доколку се случат насилни протести пред суд, исто како сега, а Вие сте на власт?
СЕЛА: Граѓаните на тие протести бараат правда, транспарентност, дигнитет. Сите три работи што ги спомнав се вредности на демократијата. Не би рекол дека имало насилни протести пред суд бидејќи таа институција за која вие велите дека е суд, е партиски и национален штаб на македонските политички партии насочен против Албанците. А, тоа е докажано повеќе пати. Не е само „Монструм“, не заборавајте на „Сопот“, „Раштански Лозја“, таканаречените „Хашки случаи“, а за споредба ги имате и последните одлуки на таканаречените судови за македонските протестанти во Ѓорче Петров, кои беа казнети со условна казна од една страна, а, од друга страна, ги имате албанските протестанти, кои се казнети со максимални казни. Првите запалија цели имоти и богатства на Албанците поради етничка омраза насочена кон цел еден народ, а другите скршија неколку стакла на институција која е насочена против нив.
Ако ве интересира што би направил јас, ќе ви одговорам дека нема да бидам дел од власт која му монтира политички процеси на народот на кој му припаѓам, но и на кој било друг ентитет во државата. Нема да бидам дел од власт која различно суди кога е во прашање Албанец и кога е во прашање Македонец. Презирам власт која обесштетува имот на Македонец, а истото не го прави и со имотот на Албанците итн. А на вашето хипотетично прашање, ќе ви одговорам хипотетички – ако се случува нешто од споменатото и јас би бил дел од власта, истиот ден би излегол од власт и би бил со народот на протести во многу подраматична форма од таа што ја гледавме деновиве.
Интересно беше што сите по протестите ги осудија насилствата, но и обележјата на организации и држави од Блискиот Исток и со религиска заднина. Притоа на еден од следните протести изостанаа тие симболи, но затоа, пак, изостана и вообичаениот амбиент од знамиња и ознаки на САД или на НАТО, на пример? Како го толкувате тоа, како работа на компромис?
СЕЛА: Беше осудена и полициската акција. Исто така имаше и видеоснимки од граѓанин што на почеток ги предводеше протестите, а потоа фрлаше камења од страната на полицијата над тие што протестираа. За осудување е истакнувањето обележја од Блискиот Исток и јас, исто така, ги осудувам таквите појави, за кои има сомневања дека се инфилтрирани од луѓе од страна на службите, затоа што тие носеа маски. Во наредните протести секогаш имало знамиња со ознака на САД, а за тоа што вие велите дека имало некаков вид компромис, ви одговарам дека не може да биде работа на компромис нешто што е од витално значење за Албанците. А, тоа се САД, НАТО И ЕУ.
Рековме дека интервјуто го правиме пред одбележувањето на Охридскиот договор. Па, како Вие го доживувате Договорот? Дали ќе учествувате во активностите за одбележување?
СЕЛА: Оваа година не се одбележува 13. роденден на Охридскиот договор, туку 10 години спомен над нешто што умре во 2004 година. Се мислам каде да ги носам цвеќињата за одбележување на овој ден! Најзаслужни се Собранието и Владата на РМ, а најголемиот букет го заслужува лидерот на ДУИ, г. Ахмети.
Колку од Рамковниот договор се почитува во Струга, каде што Вие сте градоначалник?
СЕЛА: Општа констатација е дека Охридскиот договор не се почитува, а општина Струга не може да биде исклучок од таа општа констатација, која секоја година ја добиваме и како забелешка во извештајот на ЕУ. Општина Струга може да биде добар доказ за нефункционалноста на Охридскиот договор, а за тоа ќе ви дадам само еден пример. Тринаесет години по потпишувањето на Охридскиот договор во Струга не е променето ниту едно име на улица. Како резултат на тоа, ние имаме улици што се именувани од времето на Југославија и бившиот систем. Како, на пример, ЈНА, Јосип Броз Тито, Маркс Енгелс, Пролетерски бригади, Партизанска … А не може да се најде ниту една улица со име на некој Албанец во град каде што мнозинството е албанско. Тоа се случува поради тоа што механизмот што беше донесен за спречување мајоризација или надгласување на помалите етнички заедници, т.е. Бадентеровиот принцип, е претворен во механизам што не им овозможува на помалите етнички заедници да реализираат некое право во средините каде што се мнозинство. Значи, замислете го апсурдот сега! Тие што градат национална држава, тие што се во апсолутен број вработени во државната администрација, тие што имаат службен јазик во државата (Македонците) кога треба да спречат нешто, се однесуваат како малцинство во локална власт, која буквално е централизирана од секој аспект. Значи, Рамковниот договор чува само статус кво, а со тоа се обесправени Албанците и другите помали етнички заедници. Ако ви е прашањето колку во Струга се почитува правичната застапеност, ви одговарам дека Македонците се застапени повеќе од колку што се како процентуален вкупен број на население во Струга, и тоа секаде со повеќе од 50 проценти. А, во регионалните институции на централната власт во Струга се застапени со повеќе од 90 проценти, што не е во ред, нели?
Да ѝ се вратиме на политиката. Претстои период во кој фокусот на вниманието повторно ќе биде свртен кон евроинтеграциите и кон односите со Грција. Од берлинскиот самит се очекува нова страница во процесот со Нимиц. Кои се Вашите очекувања?
СЕЛА: Се прави политика со нешто што е од витален карактер за државата и за граѓаните на РМ. Самиот факт што ВМРО-ДПМНЕ беше подготвена да го промени името пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и не е подготвена да направи компромис сега, докажува дека тврдиот став околу името ѝ носи добри политички поени кај македонското население. Па, не очекувам нешто различно од тоа што сме го виделе досега и така ќе биде сè додека Никола Груевски планира да победува на избори.
Разговараше: Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


