| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија, сепак, оди на „Евровизија 2015“

Јавноста сепак не сака да крене раце од „Евровизија“ и без оглед на се има верба и желба да ја види Македонија на големата сцена, пред очите на европското семејство и светот, велат од Македонскиот национален сервис.

 И покрај тоа што поголемиот број од гласовите на анкетата за тоа дали и како Македонија треба да учествува на овој европски фестивал, беа против повторното натпреварување, Македонската радио телевизија, како сопственик на лиценцата за организирање и учество, одлучи победникот на овогодинешниот „Скопски фестивал“ да биде и претставник на „Евровизија 2015“, во пакет со победничката песна.

 –По спроведената анкета на веб страницата на МРТ изминативе месец и половина, кадешто како Јавен сервис со општествена одговорност го побаравме мислењето на граѓаните за нашето (не)учество или  начин на избор на македонскиот претставник на оваа престижна манифестација, евидентниот број на гласачи коишто учествуваа во спроведената анкета беа доста поделени по ова прашање. Но сепак, со огромниот  број издржани и конструктивни размислувања од страна на граѓаните, се чини дека  јавноста сепак не сака да крене раце од Евровизија и без оглед на се – има верба и желба да ја види Македонија на големата сцена,  пред  очите на европското семејство и светот! – изјави уредникот на културно-уметничката програма на МТВ, Мери Попова.

Според МРТ, „Евровизија“ е настан кој нуди огромна можност за промоција на културата, талентот и убавините на една држава.

Во тој контекст, МРТ одлучи да го послуша гласот на мнозивството. И, ако бројот на гласачи коишто гласаа против  присуството на Македонија  на европската музичка сцена беше голем, сепак мислењата за начинот на избор и учество беше поголем – додава Попова.

Оваа година, ќе биде променет и начинот на гласање на Скопскиот фестивал со кој ќе се дефинира пласманот на секој од учесниците, со тоа што ќе биде применет евровизискиот модел на гласање по системот на телевоутинг и оценување од страна на меѓународно стручно жири, во сооднос 50-50 проценти.

МРТ информира дека поради периодот на летните одмори, конкурсот за аплицирање за учество на Скопскиот фестивал кој беше отворен до 15-ти јули, ќе биде продолжен до 31 јули 2014-та година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top