Младиот актер Мартин Јордановски ќе ја игра насловната улога Могли на истоимената претстава чија премиера е закажана за 15 јули, вторник, во Театарот за деца и младинци (19 часот). Премиерата на претставата, која е работена по мотивите на „Книга за џунглата“ од Радјард Киплинг, е во рамките на „Скопско културно лето“.
Првпат претставата „Могли“ во Театарот за деца и младинци беше поставена пред 15 години, на 6 март 1999 година. На репертоарот се играше едвај една година и последната изведба беше на 20 февруари 2000 година. Насловната улога тогаш ја толкуваше Игор Маџиров, кој трагично почина и токму затоа целиот ансамбл оваа претстава му ја посветува на „најоригиналниот Могли“, како што изјави Драган Довлев, директорот на Театарот за деца и младинци.
– Во име на целата екипа и на колективот, оваа претстава му ја посветуваме на нашиот колега. Ова е специфично камче од мозаикот на спомени кое му го посветуваме на Маџиров – рече Довлев.
Од првата изведба на „Могли“ во новата претстава играат Тања П. Кочовска и Предраг Павловски, а останатите актери се: Наташа Петровиќ, Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Симона Спировска и Ненад Митевски. Режијата е на Боњо Лунгов, а асистенти на Лунгов се Маја Енчева и Константин Каракостов. Куклите, реквизитите и дел од сценографијата ги изработи Кирил Василев, а костимите се на Љубица Велкова.
Кочовска и Павловски ги играат истите ликови од првата поделба на улогите, со тоа што Кочовска овој пат, освен пантерот Багира, го игра и ликот на чакалот Табаки.
– И двајцата не се свесни колку добри ликови изградија. Го следев целиот процес на создавање на „Могли“ и можам слободно да кажам дека тие најмалку за 2-3 нивоа ги подиграа квалитетот во однос на првата изведба. Останатите шест актери кои играат во претставата се млади, неодамна вработени во Театарот за деца и младинци и можам само да го искажам своето воодушевување од нивната работа. Јас сум едноставно фасциниран од нивната игра – рече Довлев, кој додаде дека е горд оти е директор на ваков ансамбл каков што има во Театарот.
Според Довлев, сите млади актери во Театарот поседуваат вонредни квалитети како актери и имаат огромна желба да научат и да направат нешто, можеби досега невидено.
– Мартин Јордановски создаде лик на кој најверојатно Маџиров, да беше жив, ќе беше горд на тоа што го направил – рече Довлев.
Режисерот Лунгов е убеден дека направиле претстава која е 100 пати подобра од првиот „Могли“ и оние кои пред 15 години ја гледале, сега ќе бидат позитивно изненадени.
Јордановски не ја гледал во живо првата престава „Могли“, но затоа пак ја погледнал на снимка.
– Не го чувстувам товарот од првиот „Могли“. Целиот процес на работа ми беше многу забавен. Со радост одев на пробите и многу сум среќен што сите функциониравме како еден тим – рече Јордановски.
Повозрасните колеги, Кочовска и Павловски, имаа само пофални зборови за младите колеги, кои со голем ентузијазам ја работеле не само оваа, туку и сите други претстави во Театарот за деца и младинци.
– Театарот е колективна работа и тоа сум го повторил неколкупати. За добра претстава мора да има колективна енергија и да владее колективен дух. Ова е театар во кој секој актер ужива во играта на другиот актер – рече Павловски.
По премиерата во вторник, „Могли“, од септември продолжува на редовниот репертоар на Театарот за деца и младинци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.