| четврток, 6 декември 2018 |

Главниот уредник на „Њуз оф д ворлд“ осуден на 18 месеци затвор

andy-coulson1709660c

Поранешниот главен уредник на сега веќе згаснатиот британски неделник „Њуз оф д ворлд“, Енди Коулсон, кој по заминувањето од новинарството му беше советник на премиерот Дејвид Камерон и директор за комуникации во Даунинг стрит 10, денеска е осуден на 18 месеци затвор поради правење заговор за прислушување на мобилните телефони.

Коулсон (46) минатата недела од кривичниот суд Олд Бејли во Лондон беше прогласен за виновен во процесот што се водеше против осум лица-уредници, новинари и соработници во некогашната редакција на најтиражниот неделник во Велика Британија, како и вработени во новинската компанија „Њуз интернешенел“.

Затворски казни добија и на поранешниот главен репортер на весникот, Невил Тарлбек и на некогашниот уредник во редакцијата на „Њуз оф д ворлд“, Грег Мискју. Обајцата се осудени на по шест месеци затвор.

Некогашниот новинар Џејмс Витеруп е осуден на четири месеци условна казна. Глен Малкејар, кој работеше како репортер во весникот и како соработник на редакцијата, е осуден на шест месеци условно. Овој поранешен приватен детектив кој беше вклучен во ловењето на пораките од говорната пошта на мобилните телефони на неколку стотина британски личности од јавниот и политичкиот живот, како и познати лица од светот на забавата, филмот и телевизијата, пред осум години, кога за прв пат се разбра за оваа афера, беше осуден на шетсмесечна затворска казна.

Другите обвинети во судњето што траеше од ноември минатата година, меѓу кои беше и поранешниот главен уредник на „Њуз оф д ворлд“ и на „Сан“ а подоцна извршен директор во „Њуз интернешенел“, Ребека Брукс, се ослободени од сите обвинувања.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top