| четврток, 6 декември 2018 |

Во населбата Св. Стефан во Охрид ќе се гради хотел со четири ѕвезди

Најдоцна до октомври оваа година, во крајбрежната населба Св. Стефан треба да почне изградбата на новиот хотел „Малибу“ на познатиот охридски бизнисмен Стојан Ѓоргоски.

Според првичните процени, инвестицијата вредна 2,5 милиони евра, од кои 500 000 на тур-операторот ТУИ, треба да биде готова до крајот на април идната година.
– Жан Крајнен, менаџер продукт  од ТУИ Холандија и Белгија и главен застапник за Македонија, официјално се согласи  да инвестира во фирмата „Зора“ во реонот на Св. Стефан. Покрај него, во посета беше и Роберто Велески, сопственик на агенцијата „Охрид холидејс“. Според нашите последни контакти со градоначалникот Никола Бакрачески, дадено ни е ветување дека до крајот на август ќе се заврши процедурата за изработка на план за изградба на хотел во оваа крајбрежна населба. Доколку се оди според предвиденото, на 1 октомври оваа година би почнала изградбата на хотелот „Малибу“, вели охридскиот бизнисмен Стојан Ѓоргоски, сопственик на компанијата „Зора“.
Се работи за изградба на модерен хотел со четири ѕвезди, во кој се предвидени велнес и спа центар, односно базен.
– Наша обврска е да го изградиме хотелот, а ТУИ како тур-оператор ќе биде обврзан во наредните пет години да носи гости во нашите капацитети. Изградбата треба да заврши во април 2015 година, а првите гости ќе ги очекуваме во периодот од 1 до 8 мај – потенцира Ѓоргоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top