Алжирците се подготвени за реванш и нова победа против Германија, а вечерва од 22 часот во Порто Алегре имаат можност за одмазда, за резилот што им го приредија Австријците и Германците во Хихон пред 32 години.
На Светското првенство во Шпанија во 1982 година, Алжир направи сензација во премиерниот меч од втората група и ја победи тогашна Западна Германија со 2-1, што сепак не им донесе пласман во втората фаза од шампионатот, благодарение на сомнителниот исход од последниот дуел меѓу Германците и Австријците. Тогаш мечевите од последното коло по групи не се играаа во ист ден и термин, па Алжир извиси.
Германија во Хихон ја победи Австрија со резултат од 1-0, што совршено им одговараше на двете селекции, па тие минаа понатаму, иако имаа ист број бодови, по 4 со Алжирците. Пустинските лисици извисија, благодарение на полошата гол-разлика, но мечот меѓу Германија и Австрија беше обележан како еден од најсомнителните во историјата на мундијалите.
Симпатиите на неутралните љубители беа на страната на Алжир, репрезентација што играше одличен фудбал. Сепак благодарение на чудниот расплет и исход на последниот меч беа елиминирани. Германците постигнаа гол преку Хорст Хрубеш, а во последните половина час буквално не играа, ниту тие ниту ривалот. Публиката со свирежи ги испрати двете репрезентации во соблекувалните, но резултатот што ги расплака Алжирците остана.
Интересно е што Алжир досега на двапати играл со Германија и има две победи, Вечерва ќе атакува на хет-трик и на одмазда за елиминацијата од пред 32 години. Сепак ова се нови генерации на фудбалери, „елфот“ е фаворит за пласман во четврт-финалето, а Алжирците и покрај се велат дека не го забораваат моментот од пред 3 децении што ја расплака нацијата.


