| четврток, 6 декември 2018 |

Струмички „Глобал“ е најголемата легализирана дивоградба

„Глобал“ во Струмица е најголемата легализирана дивоградба во Македонија, посочува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, Славче Трпевски. Како дел од заштитата при природни катастрофи, Агенцијата подготвува Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП), обемен проект во кој се вклучени 16 државни институции.

На 3 јуни во Тирана е потпишан договор за нов проект финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), со кој што ќе се овозможи финансирање на новите проекти на Катастарот на недвижности на Република Македонија, како и финансирање на катастрите во регионов. Финансиската помош е во висина од 4,2 милиони евра и, пред сѐ, се однесува за Националната инфраструктура на просторни податоци. Во февруари беше донесен закон во Република Македонија, а сега тече неговото спроведување. Пари се предвидени и за нови стратегиски проекти на Катастарот, како Регистерот на цени – кој е важен и за стопанството, и за банките, и за приватните субјекти; воспоставувањето на Адресниот регистер во Република Македонија – сѐ уште немаме воспоставен регистер на улици и на броеви на објекти; како и други проекти, вели во интервју за „РепубликаТВ“, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпевски.

Трпевски: Катастарот уште од 2006 година имаше договор со СИДА, со шведската влада, а тој потоа е продолжен до 2012 година. Македонскиот Катастар ги користеше средствата од шведскиот катастар и развојот што го водиме за напредувањето – електронскиот катастар или дигитализацијата на целокупното работење на Катастарот – се должи на нивната стручна и техничка помош. Во 2012 година се промени политиката на шведската влада за помош во регионов, веќе не финансираа индивидуални проекти, особено не за македонскиот регион, за којшто оценија дека е на многу повисоко ниво од другите агенции. Секако, мојата лична заложба, како и заложбата на Владата, секогаш е да не остануваме на тоа дека треба да се откажеме кога еднаш ќе ни се каже „не“. Секако, со помош на Владата, со шведската амбасада и со луѓето од шведскиот катастар и со регионалните директори, направивме еден издржан проект којшто беше одобрен и за кој го потпишавме договорот. Проектот ќе трае 4 години, а за пари од агенцијата, секоја држава може да аплицира со проекти.

 


 


Ова е регионален проект, односно парите се добиени на основа на заедничко поднесено барање од регионалните катастри. Каква е соработката со нив?

Трпевски: Катастрите од регионов од поранешната држава, како и од Албанија, имаат прекрасна соработка. Веќе 7 години се одржуваат годишни катастарски средби на сите агенции од регионов. Се   презентира напредокот на катастрите одделно, но тоа е добра шанса и за една споредба на напредокот на агенциите. Можеби е нескромно да се каже, но македонскиот Катастар е далеку пред катастрите од регионов.

Дел од проектите, како подземниот катастар или Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП), се проекти што, всушност, се во насока на превенирање и помош во вонредни ситуации при природни несреќи како поплавите во Србија и регионов.

Трпевски: ЕУ цени дека е важно сите геопросторни податоци во рамките на една држава, а потоа поврзани заедно во ЕУ, да бидат на едно место, на еден Геопортал. Уште во 2007 година донесе регулативи со кои се предвидуваше дека заклучно со 2013 година секоја членка треба да воспостави НИПП. Целта е секоја земја да ги направат овие системи, по строги пропишани стандарди од ЕУ, а потоа овие системи да се поврзат во систем на ЕУ. Имајќи предвид дека се работи за нов проект, со измените во оваа регулатива од 2012 година, рокот за негова изработка се продолжи до 2019 година. Оваа работа е и носечка за финансирање со потпишаниот проект. Така, ние сме рамо до рамо со земјите од ЕУ. На почетокот од годинава го донесовме законот, во фаза е формирањето на советот за НИПП и најголемата работа за која се потребни парите, да се финансираат податоците.

Но, што значи Национална инфраструктура на просторни податоци? Според нашиот закон, но и според европската регулатива – конкретно во Македонија, 16 државни институции своите податоци ќе ги стават на едно место, во еден владин геопортал. Едноставно, катастарот ќе ги стави катастарските парцели, сопственоста на тие парцели ќе ги стави топографските карти -конфигурацијата на теренот, земјоделство ќе ги стави земјоделските површини – обработливи, необработливи – шумите, вегетацијата, реките, езерата, водостопанството е надлежност на Министерството за земјоделие. Министерството за животна средина ќе ги стави податоците во однос на заштитените подрачја, на загадувачите, загадувањето. Исто така ,Економија ќе ги стави податоците за рудниците, рудните богатства, рудите, Статистика – населението… Цел сплет информации. На едно место, на еден владин национален геопортал ќе бидат обединети мноштво податоци. За пример да земеме доколку постоеше овој систем во Србија, во БиХ и во Хрватска. Имајќи ги предвид сите типови податоци, кога ќе се споредат, ќе се спојат на едно место, стручњаците веднаш ќе знаат, на пример, каде се тесните грла на водите, навремено да се превенира со брани за да не дојде до поплавување, но се случува и доток на толку вода што не може да се изгради бескрајно висока брана; но овој систем дава информации дека во случај да се прелие браната или што и да се случи во тој дел, колкаво подрачје евентуално би било загрозено, колку жители живеат на тоа подрачје, дали на тој реон има некој капацитет што може да биде загрозен – хемиска индустрија, на пример, што може да предизвика дополнителна катастрофа, дали и колку животни има за да се евакуираат, каде најблиску може да се евакуира населението, по кој пат, каде најблиску има болница, колкав е капацитетот и сите други потребни и точни податоци на едно место…  Ова е еден голем систем којшто овозможува јавен дел за граѓаните да биде отворен, достапен, од информативен карактер, но и таен дел во надлежност на државата за да може да се донесуваат правилни одлуки. Ние веќе одбравме компанија со која ќе се изработува македонскиот геопортал. Тој е во фаза на изработка, целокупната работа веќе е почната. Институциите во Република Македонија, 16-те вклучени институции имаат рок од три години да ги креираат податоците, заедно со стручните лица од шведскиот катастар, со оваа помош ќе овозможиме и Македонија да се приклучи кон овој европски систем.

Slavce trpevski kataster 05 (Custom)

Ги спомнавме поплавите и подземниот катастар, неодамна во Скопје пороен дожд предизвика поплави, а тоа ги изнесе на виделина каблите од одводните канали. Дури беше потребна тешка механизација за да се отстранат разноразни жици, кабли, кои се користат или биле поставени претходно, а сега не се употребуваат. Дали со подземниот катастар ќе се стави ред, ќе се отстранат оттаму каде што не им е место, ќе се знае каде поминуваат кабли и чии се?

Трпевски: Апсолутно, ќе се спречат. Владата во програмата до 2015 предвиде воспоставување подземен катастар во Република Македонија. Како директор сум именуван во мај 2012 година и веднаш формирав работна група за да ја скенираме состојбата и да ги преземеме неопходно потребните чекори за да го направиме подземниот катастар на Република Македонија. Во овие две години работната група направи обиколка до сите институции, се ангажираше, беше и на обуки затоа што за оваа работа во тој момент ние немавме стручни луѓе кои можат да ја работат. Имавме обука во холандскиот катастар, во литванскиот катастар, исто така и во словенечкиот катастар. Ангажиравме и странски експерти коишто ја направија студијата, ни помогнаа во креирањето на законот, па се донесе законот за подземен катастар на Република Македонија. Нормално, за да не остане на хартија, ние моравме да работиме на терен, ние како Агенција направивме една голема надградба на електронскиот катастар. На 24 април го направивме првиот упис на подземна инсталација – кабелската инсталација на „Македонски телеком“.

Овие ситуации кои денеска се во Скопје, но верувајте и во сите градови на Република Македонија, ќе станат минато во оној момент кога сите надлежни институции што се иматели на овие инфраструктури во согласност со законот, ќе си ја завршат својата работа. Законот за катастар на недвижности предвидува во рок од 5 години, значи заклучно со 2018 година, секој имател на инфраструктура да си ја премери, значи премерот ќе биде и должински, но и длабочински, да се види на која длабочина е, да ја донесе во Катастарот и да ја впише. Казните за тоа се многу строги. Значи, „Телеком“ за своите водови, ЕВН со своите, водоводните претпријатија за својата инсталација, приватните телекомуникации исто. Сите имаат рок од 5 години да го направат тоа. Тие имаа рок од една година да ги пријават до Катастарот своите инсталации, онака, немерени, и ние ги обработуваме и набрзо на нашата веб-страница ќе бидат објавени нивните податоци. Но, ние како Катастар се стремиме кон точни податоци, така што веднаш по премерот од нивна страна и доставувањето во Катастарот ќе бидат впишани. Кога ќе се направи овој Катастар, по истекот на петте години, точно ќе се знае буквално на секој квадрат земја каква инсталација поминува. Тоа е од голем интерес за компаниите, односно заштита од кинење кабли, додека поголема работа е што може да значи и инвестиција. Ќе добијат имотен лист за таа инфраструктура. Ќе може да тргуваат со неа, да ја вложат, да ја заложат, да ја стават како гаранција за кредит, а ќе може и да ја изнајмуваат.

Во секој случај, почната е фазата за воспоставување ред на подземната и надземната инфраструктура.

Да се вратиме над земја. Неколку години во центарот на вниманието на јавноста е легализацијата на нелегалните имоти. Катастарот сега презема обврска за премер на објектите за легализација за социјалнозагрозените семејства.

Трпевски: Агенцијата за катастар на недвижности активно учествува од самиот почеток на проектот на легализација на објектите. Знаете, тој е во надлежност на општините, општините се тие што ги легализираат објектите. Но, Катастарот е тука за да се обезбедат податоците, имотниот лист, копијата од катастарскиот план, кои геодетските фирми се должни да ги обезбедат од Катастарот, понатаму да излезат на самото место, да извршат премер, општината да го легализира тој објект, да се донесе решение за легализација и Катастарот да го запише. Имајќи предвид дека имаме категорија на социјалнозагрозена група граѓани и семејства, кои не можат да си дозволат, покрај онаа популарна цена од едно евро за еден квадратен метар, да платат и за геодетскиот елаборат. Катастарот во соработка со Геодетската комора најнапред ги намали цените од едно евро на половина, на 30 денари за квадрат, но анализите покажаа дека и таа цена е превисока за оваа група граѓани. Затоа со новата програма на Владата на Република Македонија, Катастарот презема обврска, преку измени и дополнувања на Законот, за оваа категорија граѓани – социјалнозагрозени семејства, приматели на социјална помош и лица со ниски примања до 14 илјади денари, Катастарот да им изврши премер на нивните објекти и да го направи елаборатот, коишто општините ќе го легализираат, а истиот бесплатно ќе биде запишан во Катастарот.

Slavce trpevski kataster 01 (Custom)

До каде е процесот на легализација? Колкумина поднесоа документи, колку се запишани, колку пак чекаат..?

Трпевски: Генерално, Катастар располага со податоци што се јавно објавени, официјално службени податоци, запишани објекти. Познато е дека рокот за пријавувањето на објектите за легализација почна во март 2011 година и траеше до септември 2011 година. Во тој период се пријавија повеќе од 350-360 илјади барања за легализација. До овој момент во Катастарот има запишано 93 илјади објекти. Тие ја поминале процедурата пред општините, запишани се, имаат имотен лист и имаат статус на легални објекти, легализирани. Секако за тие објекти има и прибелешка дека се легализирани во согласност со законот, но тие веќе може слободно да учествуваат на пазарот, во правниот промет, ги уживаат сите погодности како и легалните објекти.

Легализирани се и индивидуални објекти за домување, цели згради, па и големи стопански објекти. Меѓу нив и објектот на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Од Општина Струмица ве посочуваат дека како Катастар не сте сакале да го легализирате објектот, па морале самите да го сторат тоа.

Трпевски: За жал, Општина Струмица е многу добро запознаена со овој случај. Таа се јави како странка, најнапред како барател за упис на „Глобал“ во Катастар. За жал, морам да констатирам дека не е во ред стручните организации, како што се службите на општината од урбанизам,  да се занимаваат со политика, добро е да се држат до предметите, до фактите, до аргументите. А тие кажуваат нешто друго. Тие кажуваат дека за „Глобал“ е издадено одобрение за реконструкција на, можеби се сеќавате, старото пазариште кое постоеше во Струмица, а не за изградба на цел еден објект од не знам колку ката. Тоа е едната работа. Втората работа, самото тоа одобрение од вршење при надзор од надлежните органи беше поништено. Општина Струмица, и покрај сите тие работи, настојуваше во Катастарот со поднесување барање да се изврши легален упис на тој објект. Меѓутоа, во цела таа процедура, значи првостепена, второстепена, Управен суд, Врховен суд, конечно потврдата за одбивање на уписот од страна на Катастар за легален упис на „Глобал“ стана правосилна. Општина Струмица немаше друг избор освен да пристапи кон легализација на најголемата, дефинитивно „Глобал“ е најголемата, дивоградба во Република Македонија. Но, сега, морам да кажам дека е легализирана со решение на градоначалникот на општина Струмица, тоа решение е донесено за легализација во Катастарот, овој пат во согласност со Законот за легализација на диви објекти, и потполно ги исполнува условите, па „Глобал“ е запишан во Катастарот и сега има имотен лист за објект што е легализиран.

Што се приоритети за Катастарот за оваа година со оглед на фактот дека има повеќе полиња на кои се работи, како цели пред вас? Што може да се очекува да биде готово?

Трпевски: Агенцијата за катастар на недвижности работи во согласност со стратешкиот план на Агенцијата и на Владата на Република Македонија и во полн ек сме на дигитализација на катастарските планови. Тоа е проект финансиран преку Светската банка. Очекуваме до крајот на оваа година да ја завршиме оваа целокупна дигитализација на катастарските планови. Република Македонија е единствената држава во светот каде што аналогните, атрибутните податоци, значи правото, геодезијата се споени на едно место во еден имотен лист. Значи на едно место во една централизирана база ги имаме и имотните листови и катастарските планови. Ова е проект што веќе влезе во „Дуинг бизнис“ како нормални прашања за сите држави во светот, дека така треба да функционира еден катастар. Тоа е за поздравување, тоа е проект што е тековен, голем, одзема многу ресурси, меѓутоа го работиме со полна пареа.

Следен проект е регистарот на цени, масовна процена, како една нова работа која ќе овозможи точно да се знае секоја недвижност, колкава е нејзината цена, колкава ѝ е вредноста. Тоа е нова работа којашто Агенцијата ја почнува оваа година преку регистарот на цени, а споменав дека ќе биде финансирана со помош на проектот од СИДА. Исто така, една голема новина на која работиме заедно со Министерството за транспорт и врски е воспоставување на регистарот на градежно земјиште. За него во моментот правиме студија, во втората половина на годинава ќе ја почнеме и реализацијата. Тоа ќе значи дека во секој момент инвеститор од каде било во светот ќе може да види каде има градежно земјиште во Македонија, дали е слободно, што е предвидено да се гради, во чија сопственост е, каде е најблиската инфраструктура – значи каде поминува автопат, каде е аеродромот, на која оддалеченост има вода, каде има струја… Значи многу информации со цел да ја стимулираме и натаму градбата во Република Македонија.

Претходно го споменав и адресниот регистар. Агенцијата и на тоа ќе се посвети за да се воспостави. Адресниот регистар ќе ги утврди сите точни адреси на улиците и на куќните броеви на сите недвижности во Република Македонија. Тој ќе ни служи нам, пред сѐ како Катастар, но и на сите – пред сѐ на Македонска пошта, на полицијата, на противпожарните бригади, на здравството… Кога имаме точни адреси, многу ќе биде полесно да се снаоѓаме.

Имаме и многу други проекти за кои е малку едно интервју, но за нив во некоја друга пригода.

Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
Видео: Дејан Станчевски и Жан Лековски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top