| четврток, 6 декември 2018 |

Познатите личности ќе ве служат за помош на малиот Никола

Во недела (25.05.2014), со почеток во 21 часот, во скопското кафуле „Драма“ на улица Македонија, ќе се одржи хуманитарна забава наречена „Славните служат – славните дружат“, која има за цел да собере средства за малиот Никола Николовски кој има потреба од операција на срцето. Славните што ќе служат и ќе не дружат овој пат ќе бидат Влатко Илиевски, Ана Стојановска, Тајзи, Пеце од Суперхикс, тимот на Бекстејџ и Александар Тарабунов.

Концептот на забавата е следниов – една половина од средствата собрани преку купување на пијалаци ќе бидат донирани за младиот Никола, а цели 100% од бакшишот што ќе го добијат „славните келнери“ ќе биде дониран во хуманитарни цели. Затоа, препорака на организаторот е да ги отворите срцата и паричниците, да се забавувате, да оставите бакшиш, да почестите некого пијачка и да дојдете без автомобил.

nikola

Средствата собрани од забавата ќе бидат донирани за Никола Николовски бидејќи боледува од WPW SVPT на срцевиот мускул – хронично заболување на нервниот систем, ретка болест за која е потребна операција во Германија. Паралелно со хроничната болест, има епилепсија, спина-бифида и проблеми со видот. Но, без разлика на сите проблеми со кој Никола се соочува, тоа не го спречува да биде највеселото 13 годишно детенце во Македонија. А за највеселото детенце, треба да се организира највесела журка!

„Славните служат славните дружат” е акција која се има организирано прв пат пред 10 години во скопското кафуле „Алиби“. Уште тогаш, граѓаните ја препознаа оваа иницијатива како комбинација на уникатна можност за дружба со познатите, но и дополнителен мотив за правење на хумано дело.

Затоа, Лео Дистрикт 132 Македонија ги охрабруваат сите хумани луѓе кои сакаат добра забава, да дојдат во недела во „Драма“, да се дружиме со познати и да направиме добро дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top