Македонија се крена на нозе за да им помогне на своите соседи. Уште еднаш покажавме дека сме хуман народ и дека сме секогаш тука кога треба каква било помош. Со низа хуманитарни акции и настани, цела земја и оваа недела ќе собира донации за Србија и за БиХ. Владата, преку Министерството за култура, организира голем хуманитарен концерт, а сите средства кои ќе бидат собрани ќе се донираат за настраданите од поплавите кои го зафатија Балканот.
Концертот на кој ќе настапат Калиопи, Каролина, Тијана, Тамара, Елена, Сара, Гиш, Џорлев и многу други ѕвезди ќе се одржи овој четврток во СЦ „Борис Трајковски“. Влезници за концертот, кои чинат само 150 денари, денеска купија и „вардарци“.
– Навистина ми е задоволство што Владата на РМ, како и цела Македонија, се вклучи во акцијата за помагање на мојот народ. Навистина сум горда што се наоѓам овде и играм од едноставна причина што единствено зедно можеме да ги надминеме овие тешки проблеми. Хуманитарниот концерт се одржува в четврток во СЦ „Борис Трајковски“ и се надевам дека што повеќе луѓе ќе купат билети и со тоа ќе помогнат – истакна ракометарката на Вардар, Андреа Лекиќ.
– Сакаме да упатиме апел до луѓето да дојдат, да купат билети и да дојдат што помасовно на концертот за да им помогнеме на Србија и Босна и Херцеговина во овие тешки моменти. Би сакал и да му се заблагодарам на македонскиот народ што досега направи многу за српскиот и за босанскиот народ. Ви благодарам од срце – рече голманот на Вардар, Страхиња Милиќ.
– Ние купивме влезници и за хуманитарниот концерт и би ја искористил оваа пригода да ги повикам сите Македонци, кои и досега покажаа дека се многу хумани, да купат влезници и да присуствуваат на концертот, а со тоа би им помогнале и на луѓето кои се загрозени во Босна и во Србија – додаде Филип Лазаров, ракометар на Вардар.
Покрај „црвено-црните“, хуманоста на дело ја покажаа и актерите. Си купија билет за концертот и најавија дека сите институции од културата во Македонија ќе организираат хуманитарни концерти и претстави.
– Мислам дека ова е вистински момент да покажеме дека ние во Македонија знаеме да бидеме хумани. Тоа сме го покажале многу пати и сега еве повторно се обединуваме за хуманоста да им помогнеме на нашите браќа, сестри, први соседи затоа што мислам дека тоа е правилно, затоа што секогаш треба да бидеме ние луѓето заедно и да се држиме без разлика на пол, религија, на верска припадност, на тоа кои сме и што сме…ние сме луѓе и на сите нас некогаш ни требала или ќе ни треба помош. Затоа треба ние како луѓе да се собереме и да си помогнеме едни на други – подвлече актерот Дејан Лилиќ.
Деновиве бевме сведоци на вистинската човекова природа. Од една страна хуманоста и добрината која знае да биде бескрајна, а од друга страна и ѕверската природа на човекот. Горд сум заради тоа што сме бескрајно добри, а од друга страна тажен што вчера загубивме еден млад живот. На овие луѓе во Србија, Босна и Хрватска се уште може да им помогнеме, рече Рубенс Муратовски.
-Горд сум што сум Македонец, горд сум на нашиот народ, на моите сограѓани од Скопје. Покажавме дека имаме големо срце, дека Скопје е град на солидарност. Ова е уште еден потег кој е за поздравување. Мислам дека треба колку што може да помогнеме. Нашите срца се со луѓето од Босна и Србија, додаде актерот Славиша Каевски.
– Во постојан контакт сме со многу пријатели од Србија и БиХ. Стануваме свесни за големата природна катастрофа која ги зафати двете држави. Сите театри оваа недела ќе играат претстави и средствата ќе ги намениме за настраданите во Босна и Србија. Денес дојдовме да купиме билети бидејќи сметаме дека треба сите заедно да се обединиме во хуманоста и како и секогаш да покажеме дека Скопје и Македонија се солидарни и хумани – изјави режисерот Дејан Пројковски.
Велат дека соседот е најблискиот роднина. Да се обединиме уште еднаш и да покажеме дека Македонија може, знае и сака да биде хумана. Да им помогнеме на нашите соседи од Србија и Босна и Херцеговина!
фото: Курир
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.