Дисциплинската комисија при Македонската кошаркарска федерација (МКФ) ги изрече казните за учесниците во тепачката на вчерашниот дуел од Суперлигата меѓу „Работнички“ и „Куманово“.
Најголема казна доби играчот на „Работнички“, Дарко Соколов, кој ќе мора да паузира на следните три натпревари, што значи дека нема да биде во тимот на последните два меча од Суперлигата, против „Лирија“ и „Кожув“ и евентуално на првиот дуел од плеј-офот доколку неговиот тим избори пласман во разигрувањето.
Санкција со неиграње еден натпревар доби кошаркарот на Куманово Урош Луковиќ, а една средба нема да смее да седи на клупата тренерот на кумановци Љубисав Луковиќ. Тоа ќе биде дуелот од следното коло против „Кожув“ во Гевгелија.
Клубовите добија и парични казни. „Работнички“ поради техничките грешки, истакнување навредлив транспарент на неговите навивачи и фрлање тврди предмети на теренот е казнет со 80 илјади денари, а Куманово поради техничките грешки на играчите и тренерот е казнет со 42 илјади денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.