Голманот на актуелниот шампион Вардар Петар Ангелов имаше своја вечер, со 18 одбрани не му дозволи на противникот да „избега резултатски“, а за Вардар донесе реалност на реваншот да се реши, кој ќе биде патникот на фајнал-фор турнирот во Келн.
– Уште пред мечот кажав дека сакам да играме на Ф4 во Келн. Сега ни се отвора убава можност. Но, ништо не е готово. Останува да се играат уште 60 минути во Скопје. Блиску е Келн, но треба да се одигра. Имаме реални шанси да бидеме меѓу 4-те најдобри екипи во Европа – вели Петар Ангелов.
Колку што тој беше успешен, толку и одбраната му помогна да ги затвори потребните агли, иако некои контри на противникот беа негово дело, и завршија надвор од рамката на голот.
– Одбраната многу ми помогна. Нема успех без добра одбрана. Моите колеги играа одлично, јас само ја надополнив нивната добра игра. Успеавме да го симнеме Флензбург на 24 гола, што кажува дека добро сме ја завршиле работата. Тие обично даваат над 30 погодоци во домашното првенство – вели Ангелов.
Голманот кажа и каде треба да се внимава на реваншот во Скопје, за шест дена.
– Треба повеќе да внимаваме со топката во напад и да имаме повеќе голови од полуконтра и контра. Тоа треба да биде клучот за победа со повеќе од два гола, колку што ни се потребни – заврши Ангелов.
Реваншот со Флензбург се игра во сабота во 17.00 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.