| четврток, 6 декември 2018 |

Стаменост или реторичко перчење

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

За реториката многу умни луѓе искажале свое мислење.

Лексико(лозите)графите ја објаснуваат како вештина на убаво говорење. Реторичката вештина, красноречивоста, е атрибут и убаво нешто доколку во својата основа ја има вистинитоста на искажаното. Но, кога е во прашање оваа вештина, не може да не се прави разлика помеѓу – реторика со и без покритие, меѓу реторика базирана на реалност и реторика во која речитоста се користи манипулативно со точно определена цел – постигнување лични или политички интереси и ефекти. Исклучувајќи ја реториката како раскошно изразување/говорнички жар, за онаа другата може да се прифати кажувањето на А. Матош – „реториката – многуречитоста е фрлање прав в очи“.

Но, зошто беше овој вовед. Македонија со години трпи реторички манипулации. Однадвор (од јужниот сосед), но и однатре (од опозицијата – особено во предизборие). Историјата се повторува. Главно орудие на дејствување на нашата опозиција (во прв ред на СДСМ) е манипулативната реторика. На политичката сцена, нејзиното однесување не е конструктивно-опозициско, туку непријателско-опозициско, колку и да звучи ова непријатно. Фрустрацијата поради сопствениот статус, немоќ и загубената доверба кај граѓаните долго време ја манифестира преку антипозициска реторика со која ништо не се постигнува, освен создавање тензии. Со години прави погрешни чекори. Не поддржа ниту еден проект значаен за државата, меѓу нив и референдумот за новата територијална организација на Р. Македонија. Велеа, некои прашања не заслужуваат одговор (2004), ама последиците од таа нивна „славна“ фраза секојдневно ги чувствуваат граѓаните во вештачки скроените општини. Инсистирањето на премиерот на конкретни рокови за реализација на проектите и неприфаќањето комотност во работата на соработниците го нарекуваат диктатура; немало слобода во државата, сме биле изолирани… Наместо аргументи, бомбастични зборови и изјави, реторички манипулации за оцрнување на Владата и на владејачката партија. Велат, земјата била на дното, а кога сакаат да атакуваат на претседателот Иванов (кандидат за втор претседателски мандат), владата на ВМРО-ДПМНЕ своите успеси ги користела за негова поддршка. Ја критикуваат Владата за погрешни политики, ги игнорираат постигнувањата, дури и објективните развојни показатели признаени дома, од граѓаните (потврдени на повеќе избори!), или однадвор (извештаи на разни компетентни странски институции). Пред шест години (2008), значи само две години откако сегашната опозиција ја загуби власта, во колумна напишав: „Кај нас, на нихилизмот и первертираноста им нема крај…“. И денес, во 2014 година е исто – однесувањето и реториката на опозицијата се исти. Вели, оваа влада правела поделби, ширела омраза, а со однесувањето и реториката, всушност, самата е креатор на таквите состојби. Нервозата поради опозицискиот статус ја манифестираше со несоодветно однесување и во Собранието и надвор од него. Правеше разни стратегии и обиди – на недемократски начин да дојде до власт. Нудеше формирање влада на широка коалиција, организираше протести т.н. отпор со цел мобилизирање на граѓаните за соборување на легално избраната влада, до обид да вклучи странски фактор (нудеа брзо решавање на проблемот со името?!), кој би ја интронизирал. Забораваат дека власта е слатка кога е добиена од народот, а многу горчлива – ако е подарена однадвор! Во целата оваа рашомонијада, креирана од опозицијата, на Владата и на досегашното парламентарно мнозинство може само да им се честита, и покрај сите можни грешки и пропусти. На Владата, заради реализацијата на низа значајни проекти за државата и народот – нематеријални и материјални. Според мене, сѐ по ред и редослед според приоритетите во дадениот момент. Над 1000 реализирани значајни проекти, други во тек на реализација! Тоа значи посветеност на државата, напредок! Тоа – не е теоретизирање. Тоа не е продавање магла низ празна реторика и реторичко перчење; тоа е прагма!

На парламентарното (досегашно) мнозинство, како што реков, сакам да им честитам за достоинственото однесување на тој 24 декември кога опозициските пратеници им ги одземоа микрофоните, уништуваа општествени добра, крајно непријатно и заканувачки им се внесуваа в лице; само нивната воздржаност и присебност не доведоа до општа тепачка во Собранието! Граѓаните го видоа сето тоа, го оценија и затоа не го поддржаа „отпорот“, а во 2013 година на локалните избори довербата повторно ѝ ја дадоа на актуелната владејачка партија.

Импонира непретенциозноста на ова државно водство. Нивната посветеност, јасниот став за значајните прашања во државата. Успешно ја промовираа(т) земјава во светот, создаваат пријателства за поддршка! Солидната соработка Влада/Претседател е важен фактор за успешното функционирање и напредок на државата. А пропо насловот – гледач на една контактна ТВ-емисија го даде вистинскиот одговор. Нему не му требале красноречиви, туку работливи и чесни луѓе. Очигледно, народот така мисли – наместо зборови и фрази, претпочита дела – покажани на дело! Иако го почитувам убавиот збор, помеѓу стаменост и реторичко перчење, јас сум за стаменост! Празната реторика да ја ставиме – ад акта!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top