Моја цел е економски развиена Македонија, членка на Европската унија и НАТО, Македонија во која постои доверба меѓу институциите и граѓаните, во која се вреднува трудот на работниците и земјоделците, истакна претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов на вечерашниот митинг во Радовиш.
Пред граѓаните Иванов оцени дека политиката во државата се менува и оти во неа влегуваат луѓе кои знаат што сакаат.
– Луѓе кои довербата ја бараат со програма, но потоа даваат и отчет за таа програма. Неодамна бев тука и ви го дадов мојот отчет, за мојата програма со која ја добив вашата доверба пред пет години. Но, излегов и со нова програма неодамна. Таа се темели на 20 столбови – рече Иванов.
Според него, само со единство и напорна, тимска работа може да се постигнат резултати.
– Донесовме многу закони и спроведовме многу реформи. Речиси нема сфера во животот што не е опфатена со реформи. Економијата, земјоделието, семејството, образованието, здравството, социјалата, културата, младите, спортот. Сите чувствуваат дека работите се менуваат на подобро во државата. Насекаде во Македонија се гради. Се градат автопатишта, индустриски развојни зони, фабрики и погони. Се градат училишта, болници, спортски терени. Се инвестира во земјоделството, во образованието, во спортот, во културата. И секаде гледаме резултати – подвлече Иванов.
Напомена дека преку Школата за млади лидери и проектот за најдобар млад научник ги поддржувал младите и го помагал претприемаштвото кај младите креативни поединци.
– Доколку ја добијам вашата доверба ќе продолжам со тоа што го правев во изминатите пет години. Не само да носам со мене бизнисмени, да носам и млади претприемачи, кои ќе ги претставуваме на другите земји. Да го видат потенцијалот на Македонија и да отвораме нови пазари за нашите производи. Ќе продолжам да го промовирам македонскиот бизнис и можностите за привлекување на нови и нови странски инвестиции – потенцира претседателскиот кандидат на Коалицијата „За подобра Македонија“.
Иванов оцени дека новата програма на Владата со илјадници проекти, знае како да им помогне на македонските граѓани и оти најголемото постигнување е што ја вратиле довербата во институциите.
– Државата не се сака само со празни зборови, лажни ветувања. Државата се сака со дело. Затоа и не нарекуваат патриоти – затоа што си ја сакаме државата. Јас верувам во овој тим! Но и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија верува во мене. Ја давав и ќе продолжам да ја давам целата моја поддршка овие проекти да се реализираат за подобар живот на секој еден граѓанин во Македонија – нагласи Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево


