| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Реформската посветеност даде резултати

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, денеска беше во Неготино. Ви го пренесуваме интегрално неговиот говор пред жителите на Неготино.

Добровечер Неготино!

Добровечер Македонијо!

Добровечер ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“!

Градот на гроздот е срцето на Повардарието. Често доаѓам тука за закројување на лозјата за Св. Трифун. За лозјата да дадат многу плод, за годината да биде бериќетна.

Почитувани сограѓани,

Пред 5 години ми ја дадовте довербата за да бидам вашиот глас каде и да одам. Чесно и одговорно ја вршев функцијата.

Имав преку 450 средби со претседатели, премиери, министри. Имав 100 посети во странство, и бев домаќин на 40 посети на шефови на држави на Република Македонија. Секоја посета и средба ја посветив на бранењето на интересите на Македонија и на создавање услови за нови работни места за македонските граѓани.

Во текот на мандатот се среќавав со странски државници, но останав меѓу својот народ. Ги посетив повеќето општини, градови, населени места во Македонија. Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Секогаш за нивните предизвици и потреби дознавав од прва рака.

Од тимската соработка со Владата произлегоа конкретни резултати за Македонија:

Обезбедивме визна либерализација за вие да можете слободно да патувате низ Европа;

Добивме пет позитивни извештаи и пет препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија;

Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија;

Ја внесовме Македонија во плановите за гасоводот „Јужен тек“.

Гасификацијата на Република Македонија е капитален проект што е веќе во тек. Во Неготино ќе се вкрстат првата и втората делница на гасоводот. Клечовце-Штип-Неготино и Неготино-Прилеп-Битола. Гасификацијата на Македонија ќе значи поевтина енергија, пониски цени на македонските производи, повеќе можности за развој на македонската економија и производство. Гасификацијата ќе ги зголеми шансите за нови инвестиции и за нови работни места во Неготино.

Ја исполнив програмата за која ја добив вашата доверба во 2009 година. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.

Во мојот отчет го претставив сработеното во текот на мандатот.

Покажавме дека знаеме да ги реализираме целите и да ги остваруваме проектите. Знаеме што треба да се направи понатаму.

Денес повторно сум меѓу вас и со чист образ. Да продолжиме со иста посветеност, чесност и искреност да работиме за Македонија. На Македонија и се потребни одговорни лидери, кои го исполнуваат дадениот збор. Затоа излегуваме пред вас со програми, но и со отчети.

Почитувани сограѓани,

Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО. На тој наш пат се соочуваме со блокада од jужниот сосед кој веќе две децении нè блокира и бара од нас да се откажеме од сопствениот идентитет.

Нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.

Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени!

Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за иднината на Македонија.

За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум.

Ќе продолжиме со реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор. Македонија ја приближуваме кон Европа. Но, истовремено, Европа ја градиме во Македонија со конкретни проекти. Проекти што произлегуваат од вашите потреби.

Почитувани неготинци,

Еден од главните столбови на мојата програма е поддршка на институциите, општините и стопанството за создавање нови работни места. Ќе ги поддржувам иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување.Каде и да одам, ќе продолжам да работам на привлекување странски инвестиции во Македонија.

И во услови на светска и европска економска криза, Македонија бележеше економски успеси.

Според најрелевантниот глобален индекс, Македонија се наоѓа на високото 25. место од 189 земји според условите за водење бизнис.

Македонија е седма најповолна дестинација во светот за започнување бизнис. Три години, Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа.

Во овие години, Македонија беше прогласена за трет најдобар реформатор во светот и за најдобар реформатор во Југоисточна Европа.

Реформската посветеност даде резултати.

Досега се отворени околу 120.000 нови работни места. До крајот на годината ќе се создадат услови за уште 10.000 нови работни места. Невработеноста е со најниска стапка во последните 17 години. Напорно работиме да продолжиме со овој тренд за граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата, тука, во Македонија, во своите родни места. Создаваме нови можности за младите да работат, да формираат семејства, и да ја планираат иднината на своите деца.

Досега, во технолошко-индустриски развојните зони низ Македонија се вработени околу 7000 лица, а се очекува до крајот на 2014 година, бројката да достигне 13.000 луѓе.

Неготинци се вработени и во дел од индустриските капацитети што се отворија во овој регион. Германската фабрика „Дрексел Мајер“, туниската компанија „Кофикаб“ и „Алајанс уан“.

Од Словенија веќе е најавена и конкретна странска инвестиција во Неготино. Нашите напори вродуваат со плод.

Посветени на индустријата, не го забораваме земјоделството. Напротив. Еден од столбовите на мојата програма е земјоделството. Сакаме Македонија да биде напредна земјоделска земја. Досега се исплатени половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Инвестирањето ќе продолжи за да се отворат многу нови работни места.

Неготино живее од лозјето. За да се развие винската индустрија и винскиот туризам, во општина Неготино се понудени на продажба градежни парцели во Курија, Црвени Брегови и Неготино. На странските државници честопати им давам македонски вина како протоколарни подароци. Со тоа се отвора патот за македонското вино во светот.Македонските производи се надалеку познати и барани. Ќе ги брендираме и ќе ги заштитиме нашите производи, светот да разбере колку квалитетни плодови дава на нашата македонска почва.

Еден од моите столбови е и образованието. Со долгорочно инвестирање во образованието, Република Македонија ќе стане земја во која секоја година ќе се отвораат нови работни места, токму поради тоа што ќе имаме сè повеќе високообразовани луѓе. Се инвестира и во Неготино.

Инвестирањето во инфраструктурата е инвестиција за економскиот раст и за развојот на Македонија. Инвестирајќи во инфраструктурата, ние инвестираме во поврзување на пазарите, луѓето и услугите. Ќе се обнови и железничката пруга од Ногаевци до Неготино во должина од 30 км. Со ова ќе привлечеме нови инвестиции и ќе создадеме услови за нови работни места во Неготино.

Сево ова се конкретни проекти и конкретни остварени цели.

Почитувани сограѓани,

Каде и да одев, ја промовирав македонската економија, македонските можности. И во следниот мандат, приоритет ќе ни бидат државата и економијата кои создаваат нови работни места.

Драги сограѓани,

Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:Европа во Македонија и Македонија во Европа!

Држава и економија кои создаваат нови работни места!

Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите! Знаеме како да го направиме тоа. Лесно не го даваме зборот. Пак ќе се видиме и со чист образ повторно ќе се погледнеме во очи.

Од Неготино продолжуваме кон победата затоа што изборот е Македонија! Државата пред сè! Македонија пред сè!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top