| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски договори обука на медицински лица од Македонија во елитна болница во Брисел

gruevski bolnica brisel (2)

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска постигна договор со елитната бриселска болница „Едит Кавел“ и во иднина овој врвен медицински центар ќе биде место каде што македонски лекари, медицински сестри и друг медицински пероснал ќе може да се стекнат со обука за најновите методи што се применуваат во медицината.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во еден од најголемите медицински центри во Европа, премиерот Груевски денеска имаше средба со директорот Жад де Тоеуф, со кого постигна договор за потпишување меморандум на разбирање меѓу Република Македонија и болницата „Едит Кавел”.

– Имаме зацртано програма со која сакаме да воспоставиме соработка со поголем број успешни и напредни медицински центри и болници, заради континуирано испраќање на нашите лекари, медицински сестри и друг медицински персонал на обука, главно за нови методи кои постојано излегуваат за различни болести и потребни третмани за лекување на болестите. Целта е тие да се обучат и да ги имаат најсовремените достигнувања во делот на нивната специјализација – истакна премиерот Груевски.

Жак де Тоеуф, директор на реноминираната бриселска клиника „Едит Кавел“, во изјава за МИА потврди дека е постигнат договор што ќе треба да се формализира на хартија во вид на меморандум за разбирање во кој прецизно ќе биде опишано што ќе треба да сторат двете страни за соработка во однос на медицинско образование.

– Целта не е да образуваме доктори, туку да помогнеме на докторите, сестрите и техничарите да добијат ново знаење во новите технологии што ќе се случува тука во Брисел, оти ние имаме луѓе кои ќе работат во нашата болница и исто така ќе се обидеме да испратиме доктори и сестри во Македонија, со цел да учествуваат во преобликувањето и обновата на болничките капацитети – истакна првиот човек на бриселскиот клинички центар.

Според претседателот на македонската влада, досега е воспоставена комуникација за соработка со околу 48 медицински центри и болници низ светот, главно од Европа, САД, Канада и Кина. Груевски вели дека целта е македонските лекари и друг медицински персонал, континуирано да оди на обуки.

– Не само што имаме зацртано програма, а тоа е за секоја година 500 медицински лица да заминат на обука, од следната година е предвидено 1.000 медицински лица од Македонија да поминат на овие обуки, а во законот е предвидено од 2015 година, тоа да биде и обврска за медицинските лица секој доктор да треба од вкупно пет години, минимум шест месеци да мине на обука во странство. На некој начин, ние сме тука да помогнеме да се организираат овие работи, па со министерот за здравство и со министерот за надворешни работи, се договоривме сите да работиме на ова – додаде Груевски.

Премиерот посочи дека кога тој патува за други, политички или економски цели, времето го користи и истовремено да договори барем една болница во тоа место, која е силна и респектабилна и од која има што да се научи.

– Целта ни е за период од пет-шест години, Македонија да стане држава со лекари и медицински персонал кои се најнапредни најмалку во регионот, а ако може и пошироко. Се разбира, за оние кои го владеат англискиот, францускиот или германскиот јазик, обуките се обезбедуваат во земји каде тие јазици се употребуваат, а оние кои не познаваат некој од светските јазици, се обидуваме да обезбедиме нивна обука во регионот, со регионалните јазици кои повеќе или помалку, нашите граѓани ги познаваат, рече премиерот Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top