Романот „Јадица“ од Владимир Плавевски, во издание на „Силсонс“, е годинашниот добитник на престижната награда на „Утрински весник“ – „Роман на годината“. На последниот состанок кој се одржа во четвртокот во просториите на нашата Редакција, со мнозинство на гласови оваа одлука ја донесе петчлената жири-комисија во состав: Митко Маџунков, минатогодипниот лауреат и претседател, како и Ферид Мухиќ, Весна Мојсова-Чепишевска, Оливера Николова и Катерина Богоева.
„Роман на годината“ на Плавевски му е доделена во годината кога „Утрински весник“, како и самата награда, одбележуваат значаен јубилеј – 15 години од формирањето, додека свеченоста по повод доделувањето на наградата ќе се случи на 26 март во „Сити хол“ центарот.
– Покрај наградениот роман, особено треба да се истакнат уште три остварувања: тоа е мајсторскиот роман „Ќерката на математичарот“ од Венко Андоновски, со кој авторот суверено го брани своето високо место во македонската книжевност, како и два дебитантски романа, „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски и „Ненасловена месечева соната“ од Давор Стојановски. Посебно радува фактот што во една година се појавија двајца нови романсиери, чие време допрва доаѓа. Во овие дела јасно е нагласена амбицијата да се напишат судбински романи, без да се даде слика на општеството, како што истакнува Венко Андоновски. Романот „Јадица“ од Владимир Плавески е вистинска спротивност на таквата насоченост и целосно е во духот на она што белградската критика некогаш го нарекуваше стварносна проза, што сега се совпаѓа и со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност, се вели во образложението на жири-комисијата.
„Романот е напишан во традиционален реалистички стил, со краток пролог и со епилог, во кој авторот ефектно ја користи документарната постапка. Делото е поделено на три дела – Копиле, Домец во Асамати и Мијач на мртовци – и го следи животниот пат на едно сираче од часот на неговото наоѓање и посвојување, па сѐ до моментот кога ми ја избришаа иднината, како што самото ќе рече во уводниот дел; дека е тоа точно, најдобро ќе се види во Епилогот…“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Романот „Јадица“ и театарска фотографија на Владимир Плавевски во КИЦ на РМ во Софија
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски
-
На Фросина Пармаковска денеска ќе ѝ биде доделена наградата „Роман на годината“ за 2017