| четврток, 6 декември 2018 |

(ВИДЕО) Опозициските медиуми му отворија „идентитетски“ проблем на Пендаровски

За кандидатот на СДСМ грчките позиции не се напад на македонскиот идентитет

Обидувајќи се по секоја цена да му помогнат на претседателскиот кандидат што го поддржуваат, дел од опозициските медиуми денеска му направија проблем откако објавија видео од трибина на која за проблемот со името говори кандидатот за претседател од СДСМ Стево Пендаровски.

Но наместо да му помогнат тие го ставија во нелагодна позиција дополнително да мора да ги објаснува своите контроверзни ставови за името, идентитетот и нацијата во контекст на спорот со Грција.

На видеото од трибина насловена „Македонија денес“, што ја организирала  граѓанската иницијатива „8 септември“ во чест на денот на независноста минатата година Пендаровски тврди дека Македонија никогаш немала проблем со идентитетот во преговорите со Грција.

Во врска со името тој вели дека терминот „македонски“ што се користи во графата за јазикот на Македонија во Обединетите нации е гаранција за идентитетот.

Уште пошокантно е неговото тврдење дека поради тоа што Македонија немала изградено политичка нација сосема нормално е Македонците да не се нарекуваат според својата националност туку според припадноста на државата во која што живеат.

Пендаровски во изјавата на трибината тврди дека терминот „македонски“ во ОН се користи уште од 1974 година кога во светската организација се употребуваат трите официјални јазици на поранешната Федерална Југославија, Македонскиот, Српско – Хрватскиот и Словенечкиот јазик.

Она на што Пендаровски не сака да се сети е дека во 2010 година на иницијатива на Грчки претставници Обединетите нации ја тргнаа ознаката „македонски“ во графата за официјалниот јазик на Република Македонија.

Таа беше вратена неколку дена по дипломатскиот протест упатен од Македонската влада со назнака дека таму ќе остане во истата форма додека не биде постигнат финален договор со Грција. Со други зборови терминот „македонски“ зависи од исходот на преговорите со Грција.

Пендаровски на истата дебата ниту подоцна не ја коментира ситуацијата од есента 2005 година која што настана со предлогот на медијаторот Нимиц кој Грција го отфрли веднаш а Македонија го прифати.

Во тој предлог во Македонската верзија на документот на Нимиц за националоноста стоеше Македонски а во оргиналната англиска верзија стоеше контроверзната кратенка MCDC за која до ден денес нема официјално објаснување што значела.

Во тој период Пендаровски беше најблизок соработник на тогашниот претседател Бранко Црвенковски и имал детален пристап до сите документи и предлози на медијаторот Нимиц но од него се до денес нема објаснување за предлогот на Нимиц кој што беше прифатен од тогашниот државен врв двоецот Црвенковски – Бучковски.

Пред само еден месец Пендаровски беше директно негиран од Грчката влада. Говорејќи во францускиот Сенат грчкиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Евангелос Венизелос јавно без никаква ограда кажа дека Македонски јазик не постои туку дека тој е „псевдомакедонски“ односно дека се работи за дијалект на Бугарскиот јазик. Пендаровски досега во јавноста не се изјаснил ниту за овој демант на неговите ставови.

И покрај тоа што во неколку наврати досега Грчки високи претставници и официјално и неофицијално тврдат дека нема да признаат Македонски јазик и нација  Пендаровски досега не ги коментирал ваквите позиции за името и идентиетот на јужниот сосед.

На истата трибина на која што Пендаровски критикува дека никој во ВМРО – ДПМНЕ не знае дека македонскиот јазик е признат во ОН тој нема никаков коментар на предлогот на Фрчковски земјата да се согласи со предлогот Горна Македонија во кој според него не треба да стои ниту одредницата за политички систем Република.

Иако на споменатата трибина тој ги премолчел спорните залагања на Фрчковски во текот на кампањата за претседател Пендаровски ќе мора да одговори на овие прашања кои што за опозициските медиуми се исправни но за најголем дел од граѓаните се целосно неприфатливи.

Р.Р.

Целото видео со ставовите на Пендаровски е поставено на You tube на профилот Јован Кукузел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top