| четврток, 6 декември 2018 |

Еден месец во Драмски театар билетите ќе чинат 100 денари

На Светскиот ден на театарот, 27 март, во Драмски ќе има 12 часа претстави, а сите пиеси ќе бидат бесплатни, најавија од Театарот. Сепак, билети мора да се подигнат од касата на Драмски театар

001

Пред точно 49 години, на 4 март 1965 година, се одржала првата претстава во Драмскиот театар во Скопје. Пиесата била „Богомилска балада“, а режисерка на претставата била актерката Тодорка Кондова-Зафировска. Таа режирала текст според романот на Владо Малески.

Во очи на роденденот на Драмски театар, на 7 март, петок, ќе се одржи премиерата на претставата „Живот во тесни чевли“, по текст на Душан Ковачевиќ, а во режија на Ненад Витанов.

Ова е шеста премиера во Драмски за една година.

На Светскиот ден на театарот, 27 март, во Драмски ќе има 12 часа претстави, а сите пиеси ќе бидат бесплатни, најавија од Театарот. Сепак, билети мора да се подигнат од касата на Драмски театар.

– Театарот почнува и завршува на сцена. И на најдобриот производ му е потребен маркетинг за да биде продаден уште подобро. Во периодот од 15 март до 15 април ќе се слави театарот. Решивме театарот да биде мултикултурен, па на Светскиот ден, освен пиеси, ќе има и изложби. Цената на билетите во Драмски во тој период ќе биде 100 денари – изјави Рубенс Муратовски, уметнички директор на Драмски театар.

Од Драмски веќе ја највија акцијата за Денот на жената, 8 март „Однесете ја својата мајка, жена, баба, стрина, свеска, тетка, девојка, љубена, љубовница, сосетка или сестра во Драмскиот театар на претставата „Евридика“. За секој купен билет еден е гратис.

„Биди шизик, чекирај се дека си во Драмски!“, исто така, е една од кампањите на Драмски за зголемување на бројот на гледачи.

Дваесет „чекирани“ пријатели на Драмскиот театар, по случаен избор, ќе добијат 50 проценти попуст за следната претстава.

– Драмски секогаш имал публика, не може да се пожалиме, но сакаме да се свртиме кон помладата публика – вели Роберт Вељановски, директор на Театарот.
Вељановски информираше дека за една година, откако тој е директорот во Драмски, овој театар имал вкупно шест премиери, се одиграле 123 претстави, кои ги виделе повеќе од 22 илјади гледачи. До неодамна на актерите од Драмски ја делеа сцената со Театар Комедија, кој во изминатата година имаше три премиери, а уште две приватни копродукции имаа премири.

– Да се изведат 11 премиери за една година, и тоа на една сцена, беше сериозен подвиг. Финансиската состојба е стабилна и солидна. Нашата сметка е во плус – вели Вељановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top