| четврток, 6 декември 2018 |

Ограбена уште една црква – украдени 43.000 денари од „Свети Илија“

Тешка провална кражба и обид за кражба во две цркви во Тетовско се случиле во засега неутврдено време во текот на изминатата недела, информираше денеска Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Кражбата во црквата „Свети Илија“ во тетовското село Стенче ја пријавил М.М. (64) од истото село и, според првичните информации, таа се случила во периодот од минатата недела до овој петок.

Сторителите, кои засега се непознати, насилно ја отвориле влезната врата бидејќи не можеле да стигнат до внатрешноста на црквата од прозорецот во трпезаријата кој претходно го скршиле. По влегувањето внатре со копач скршиле и отвориле два метални и еден дрвен сеф од кои одзеле 43 илјади денари. При извршениот увид полицијата нашла траги кои ќе бидат вештачени. Во внатрешноста била пронајден и оставена машина за сечење метал.

Во истиот период било провалено и во црквата „Свети Константин и Елена“ во селото Вратница каде, според пријавата на Д.М.(56), непознатите сторители откако насилно ја отвориле задната дрвена влезна врата влегле во црквата од страната на олтарот, целосно ја пребарале, но без да одземат ништо ја напуштиле и заминале.

Според податоците на Јосифовски, во текот на изминатата година во Тетовско биле извршени десетина кражби во верски објекти, претежно во цркви и една во џамија. Главна цел на крадците биле пари и други вредни предмети.

Во Гостиварско биле забележани петнаесетина кражби во цркви, особено во регионот на Мала Река и селата Тресонче, Лазарополе, Росоки, Селце и Беличица, но таму крадците покрај пари и други предмети одзеле и стотина икони, меѓу кои има и вредни дела на познатиот мајстор Дичо Зограф.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top