| четврток, 6 декември 2018 |

Евровизиската песна во етер за 20 дена

Tijana-Dapcevic-740x320-topЕвровизиската песна со која што Тијана Дапчевиќ ќе не претстави на 59-тото издание на Изборот на песна за Евровизија, официјално ќе биде претставена на 22 февруари, во музичкото шоу Хит на месецот на МРТ1.

-Подготвуваме специјално издание на Хит на месецот, во кое покрај редовните музички содржини на шоуто, кои гледачите веќе привикнаа да ги гледаат, ќе се обидеме да ги задоволиме и вкусовите на евровизиските фанови. Секогаш домашниот Избор на песна за Евровизија е следен со големо внимание и од евровизиксите фанови ширум Европа, па во Хит на месецот ќе понудиме повеќе содржини преку кои ќе го претставиме процесот на снимање на нашата евровизиска песна, авторот, нашиот изведувач и се разбира песната- вели Мери Попова, шеф на Македонската Евровизиска делегација.

Засега МРТ открива дека автор на композицијата е продуцентот Дарко Димитров и дека станува збор за композиција во брз, денс  ритам. Сеуште се работи на финалната верзија на текстот и насловот на песната.

-Со Дарко Димитров работиме четиринаесет години и многу сме успешни како тандем во регионот. Отсекогаш знаевме дека нешто големо ќе ни се случи, ова е тој момент- изјави Тијана Дапчевиќ во емисијата Стисни Плеј.

Изборот на песна за Евровизија  ќе се одржи од 6-ти до 10-ти мај во  Копенхаген, Данска, а учество ќе земат вкупно 37 земји. Тијана Дапчевиќ ќе настапи на 8 мај, во второто евровизиско полуфинале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top