| четврток, 6 декември 2018 |

Катастар: Казна за референтот кој го довел министерот Јанакиески во непријатна ситуација

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпевски, соопшти дека Агенцијата ќе покрене дисциплинска постапка против сите инволвирани при издавањето податок во кој е наведено дека парцелата спроти НБРМ е во целосна сопственост на Република Македонија.

– Референтот кој го работел овој предмет направил превид и го консултирал само катастарскиот план, но не и имотниот лист. Кога го издал податокот, навел дека целокупната градежна парцела и сите катастарски парцели од кои е сочинета се во сопственост на Република Македонија иако во имотните листови состојбата не била таква – изјави Трпевски на денешната прес-конференција.

Toj истакна дека тоа го констатирала Внатрешната контрола на Агенцијата за катастар која на барање на Министерството за транспорт и врски направила увид во целиот предмет.

– Превидот е отстранет и веќе се издадени точни податоци до Министерството за транспрот и врски. Во градежната парцела влегуваат и 320 квадратни метри од парцела со вкупна површина од 370 квадратни метри, која е вратена со денационализација на три физички лица и уште во 2009 година е запишано дека земјиштето е во нивна приватна сопственост – потенцираше Трпевски жалејќи за настанатата состојба.

Во врска со реакцијата на Катастарот, во текот на денот претходеше повикот на министерот Јанакиески до Агенцијата за катастар на недвижности да преземе соодветни мерки за вработените кои ја направиле грешката во податоците за државното земјиште во Маџир маало, затоа што го довеле во една непријатна ситуација и него како ресорен министер и Комисијата за јавни наддавања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top