
Колумнист:
Ацо Станковски
Уште од најдревни времиња сонот бил најреспектиран нексус меѓу реалноста и хиперреалноста или таа реалност во која се содржани реалноста на минатото, сегашноста и иднината, поправо таа реалност во која се содржани сите наши сеќавања, стравови и надежи. Во древните царства на старите цивилизации имало луѓе посебно надарени за сонување, кои биле толку длабински посветени на сонувањето, а нивните соништа имале толку прецизни референци на состојбите во кои се наоѓало општеството, а што е уште поважно, нивните соништа толку точно ја отсликувале иднината, што ваквите сонувачи добивале статус на најценети советници на владетелот, без чиишто совети ниедна одлука не можела да помине. И сето тоа се практикувало преку нивните соништа и нивното толкување.
Сонот е патување во зоните на суштественоста, сонот е лек за душата, исцелување на организмот и осмислување на самиот психолошки амбиент во човека. Доколку нема сон, доаѓа до едно тажно и мачно атрофирање на животните потенцијали и до згаснување на сите позитивни проекции во однос на самата егзистенција. Отсуството на сонот како да нè воведува во долгите и непрегледни ходници на апатијата, каде што животот, сфатен како радост, мотивација и творештво, престанува да постои. Затоа сите тие што го загубиле сонот потсетуваат на живи мртовци.
Во религиозниот дискурс сонот се појавува многу често и добива невообичаено значење и важност. Многубројни се сонувачите во Светото писмо, посебно во Стариот завет, каде што многубројни пророци и кралеви сонуваат сништа, кои во есенцијална смисла ја детерминираат природата на одлучување и стратегијата и тактиката на дејствување. Сугестивниот и експлицитниот сон на некој проминентен и високореспектиран сонувач, често добивал круцијална важност во креирањето на политичките визии и дејства, а тежината на оваа инфлуентност врз одлуките на владетелот понекогаш добивала и историска магнитуда.
Во сонот најделикатните тајни се разоткриваат, најтешките загатки добиваат неочекувани и совршени решенија. Големи идеи се појавуваат во сонот и со нивната ентузијастичка енергија влијаат на остварување на навидум неверојатните потфати. Структурологијата на остварливото, предадена во некој сегмент од сонот станува инспирација за возможното и одеднаш неверојатното станало веројатно и можно.
Оваа загатка на сонот и неговите пораки е неосвоивата зона за сите тие што со рационалистички средства сакаат да ја објаснат и деконструираат. На овој план има огромен број обиди, но сите завршуваат или во здодевна и бесплодна дескрипција, која никако не ја допира суштината на феноменот, или, пак, заоѓа во зоните на неразбирливото, на логички дисјунктивното или, пак, контроверзното талкање по најнебулозните простори на менталното постоење. На тој начин, ова ниво на егзистенција е силно табу за сите оние возгордеани и самоуверени поклоници на умот, сфатено како најсилниот човечки инструмент на анализирање и манипулирање со реалноста, но и не само тоа, туку и како единствен релевантен аспект на свесноста во сепостоењето, што никако не може да биде точно, барем што се однесува до човековиот ум, кој целата своја експертиза ја темели на рационалноста. Во овој контекст, кога станува збор за сонот, ние се соочуваме со нешто многу поголемо и порелевантно во однос на реалноста од умот, оформен од рационалноста.
Затоа древните мудреци, сфаќајќи ја оваа парадоксалност од една страна, моќта на умот, кој почива на рационалноста и се обидува сè да артикулира преку неа, а од друга, неговата неспособност да продре во извесни сфери што се непомирливи со рационалноста, како што е сонот, на пример, а сепак се далеку посупериорни во поимањето на реалноста од сите рационални механизми на умот, ете затоа овие опитни и мудри луѓе го иницирале духовниот аспект, кој го надминува рационалниот ум и го внесува искуството во зоните на когнитивната егзистенција, во кои умот може да биде само набљудувач и зачуден, па дури и шокиран искуственик и откровител на една стварност, во која нема никаков сомнеж за нејзината вистинитост, а сепак е толку неверојатна за вообичаените механизми на поимање на рационалниот ум, оној ум, кој сака да господари и да манипулира со реалноста.
Сите големи мистички традиции знаат за ова неверојатно битисување на вистината и имаат највисок респект кон него. Тие почиваат на ова искуство, кое ги надминува сите можни искуства, а е толку присутно и едноставно, што неговата манифестација му е својствена и на едно најнеискусно и наједноставно дете.Токму и во тој сегмент се остварува големата мистерија на духот, за разлика од рационалистичкиот ум, кој е експанзивен, офанзивен и авторитарен во своите конклузии, додека духот е сеприсутен, инклузивен и суптилен, тој е насекаде во микроструктурите и во макроструктурите на постоењето и е сведок на сите можни постојни вистини.
Ете затоа сонот е така загадочна сфера за сите тие поклоници на рационалноста. Тој станува кошмар за сите тие што во целата своја неопитност сакаат да воспостават когнитивна контрола во однос на постоењето и со тоа да создадат монопол врз бесконечноста и бескрајните потенцијали на можното.
Во длабочините на ноќта луѓето спијат и сонуваат, а кога во светлината на утрото ќе се разбудат, нивните сништа ќе ја оформат стварноста за нив.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


