
Пред неколку години, во неврзан пријателски разговор со неколку политички активисти и оние за кои се вели дека се „ангажирана јавност“, од тема на тема, стигнавме и до здравството. Политичарите рипнаа: „Лесно е тоа, душеци, врати, варосување… Предизвик се крупните политички прашања, дипломатијата…“. Смирениот тон на аналитичарот ги пресече среде реченица: „Не би рекол дека е лесно, здравството и социјалната програма би требало да се приоритет, за граѓаните тоа се најкрупните работи, сѐ друго – потоа. Или, што би се рекло, здравјето, пред сѐ“.
Овој исечок, оваа јасна и прецизна анализа од кратката средба во ходник, на маргините на некој настан, ми се врежа в глава и постојано ми се навраќа пред очи.
Со децении главен проблем беше таканаречената бела мафија – доктори и лица поврзани со медицината кои владееја со здравјето на целата земја. Дури постоеше и аксиома дека кој ќе влезе во костец со нив, не му се пишува добро. А, во меѓувреме? Во меѓувреме, секое одење на лекар чинеше дополнително губење време, пари, нерви, здравје. Пациентите и лично си набавуваа од шприц и игла, преку гази и фластери, до протези, стентови и апарати за лапораскопија, на пример. Како принудна донација за клиниката, како мајстор-сервисер кој ви доаѓа дома без клешти и шрафцигер, а вие мора да му обезбедите алат, да му бидете чирак и, на крај, да му платите и да го почестите со кафе и ручек.
Досега незамисливи стандарди
Дел од тие што сега раководат со клиниките во Скопје се присетија на моментите додека специјализирале и на почетоците на работењето.
– Нема споредба. Накратко, тогаш немаше систем, владееше стихија. Сега има стратегија. Се воведе примарно, секундарно, терцијално здравство, се воведе редослед на работите. Се инвестира во апарати, се градат нови клиники, се достигнуваат стандарди кои биле незамисливи претходно – објаснува Милан Ристески, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Кога долго време работите беа оставени на забот на времето, без никакви вложувања, и смена на душеци и на кревети, па и бојадисување и одржување на хигиената е чекор.
- Видете, заедницата има потреби и тие потреби мора да се задоволат. Незамисливо е како со малку пари се прават толку промени. Лесно е, на пример, во Норвешка да се постигнуваат стандарди кога најосновните работи се менувале тековно. Сега во медицината сѐ се дигитализира, нешто на што никој не ни помислувал – додава Ристески.
Тој коментира дека во радиологијата долго време немало воведено нова техника на работа. Сега се воведува радиохирургија, рапид арк терапија, ИГРТ, ИМРТ…
– Се воведуваат и ќе ги работиме сите радиотераписки техники, тука, дома, во Македонија. Ако досега имавме два стари асцелератори, сега имаме два нови, уште два треба да стигнат, со цела комплетна нова опрема. Се развиваат три нови радиотераписки центри во Битола, Штип, во скопската Градска општа болница „8 Септември“ – коментира директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
КОИ БОЛНИЦИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ
Меѓу најзначајните проекти во здравството за годинава е изградбата на новиот клинички центар на просторот на сегашниот комплекс клиники „Мајка Тереза“. На тоа место ќе никнат два современи болнички објекти. Во помалиот ќе бидат сместени лабораториите и Трансфузиологија, а во осумкатницата ќе се наоѓаат Кардиологија, Радиологија, Ургентен центар и интерните клиники. Инвестицијата само за градбата e вредна 70 милиони евра, а со опремата изнесува 112 милиони евра. Во модерниот објект ќе се распоредат речиси сите клиники од комплексот „Мајка Тереза“, освен Инфективната, која намерно е оставена да биде малку понастрана, како и Клиниката за детски болести и Клиниката за стоматологија.
Изградбата на новата клиничка болница во Штип, исто така, е капитален проект за годинава. Бенефит од изградбата на новата клиничка болница ќе имаат преку 200.000 жители од градот Штип и целиот источен и југоисточен регион на Македонија. Новата клиничка болница ќе обезбеди соодветни просторни услови за дијагноза, третман и нега на пациентите и, секако, современи услови за работа на здравствените работници. Вкупно проценетата инвестиција за реализација на клиничката болница во Штип изнесува 34 милиони евра.
Наскоро ќе почне реконструкција и адаптација на постојниот објект на Здравствен дом – Кичево за потребите на кичевската општа болница, која опфаќа зајакнување на статичката стабилност на објектот, изведба на комплетна нова машинска и електроинсталација, нови лифтови, изградба на операциони сали, како и изградба на нови оддели во болницата. Општата болница треба да вклучува 5 одделенија од сегментот на секундардна здравствена заштита, 10 специјалистичко-консултативни служби и четири одделенија со дневна болница. Вкупната вредност на инвестицијата е 200 милиони денари.Во текот на 2014 година е планирана и реконструкција на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (поранешна градска болница). Комплетно ќе биде реновиран оперативниот блок на првиот кат со пет операциони сали, интензивна нега, рикавери и стерилизација. Ќе се изведат три нови лифта – еден болнички и два сервисни. Поголем дел од болничките соби ќе се пренаменат во трокреветни со сопствена бања. Вкупната вредност на инвестицијата е 75 милиони денари.
Предвидено е реновирање, пренамена и адаптација на специјалната болница за ортопедија и траума „Св. Еразмо“ во Охрид, којашто вклучува: реконструкција на централата болничка зграда, адаптација на постојната карабина за потребите на кардиологија – Охрид, комплетна реконструкција на базенот за рехабилитација, реновирање на новата болничка зграда. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 190 милиони денари.
Во општата болница во Струмица ќе биде реконструирана постојната зграда во која ќе се смести ургентен центар, гинекологија, оперативен блок и останати одделенија. Вкупната вредност на инвестицијата е 135 милиони денари.
Во тек е изградба на новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле. Објектот е во напредна фаза на изградба. Дел од немедицинската опремата веќе е пристигнат. Рокот за изведба е средината на септември 2014 година. Вредноста на инвестицијата е 8 милиони евра.
Рекордно вработување
Оваа година се планирани градби и реконструкции на повеќе болници. Покрај комплексот клиники „Мајка Тереза“, ќе се реконструираат и градат кичевската, штипската и струмичката болница, како и болницата ГОБ „8 Септември“ и хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, а се планира и крупна реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид. Веќе е во тек изградбата на нов објект на специјалната болница за белодробни заболувања кај децата во Козле, како и изградба на ПЕТ-центарот во Скопје за детектирање онколошки и други заболувања.
Од следниот месец ќе се врши трансплантација на црн дроб во Македонија, во Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. Годишно меѓу 10 и 12 пациенти имаат потреба од ваква интервенција. Болните веќе нема да одат во странство. Ова е една од стоте нови медицински методи кои ќе се применуваат во јавните здравствени установи. Шеесет и две првпат ќе почнат да се прават во земјава, на 30 универзитетски клиники во 24 специјалности, а останатите 38 методи веќе се прават на скопските клиники, но отсега ќе ги има и во болници низ Македонија.
Во ГОБ „8 Септември“ инвестициите во опрема се во висина од преку 11 милиони евра. Апарат за магнетна резонанција, дигитален мамограф, дигитални рендгени. Но, не е сѐ во опремата доколку не се работи и на едукација на докторите и на медицинскиот персонал.
– За три години, колку што постои оваа болница, се примени 80 доктори. Толкаво вработување немало последните 18 години. Оваа поранешна Воена болница никогаш не паднала до тој степен да нема за игли или за фластери, но знаеше да нема одредени лекови, сочива, протези и нив пациентите сами да си ги набавуваа. Се чувствуваше тонењето. Кадарот си заминуваше, постоеше незадоволство, немаше средства да се заменат тие што заминуваа во пензија или, пак, во други институции – раскажува директорот на ГОБ „8 Септември“, проф. д-р Сашо Стојчев.
Според него, за нормално функционирање на оваа установа се потребни околу 1000 вработени.
– Во 2010 година почнавме со 373 вработени. Тука беа и 47 со договор на дело, кои веднаш беа вработени. Сега бројката на вработени е некаде преку 800, заедно со нови „договорци“ и волонтери. Волонтирањето, секако, им дава предност, конкурентност при вработувањето, па затоа кај нив постои и желба за работа и за напредување – се надоврзува д-р Стојчев.
Усовршувањето на докторите оди во прилог на сето тоа. Всушност, според д-р Стојчев, во хирургијата најголема вредност има кога странски хирурзи доаѓаат во Македонија. Тие добиваат привремени лиценци за работа во Македонија и практично го пренесуваат знаењето во операциона сала.
– За разлика од нив, освен во Турција и во дел од земјите од Балканот, македонските хирурзи не добиваат лиценци. Хирургијата е малку поинаква медицинска гранка, во која без лиценца нема шанси да се влезе, а камоли да се работи на операциона маса. Така, најдобро е кога еминентни странски доктори доаѓаат тука, повеќе доктори можат да ги следат зафатите, а, секако, тука е придобивката и за пациентите – додава д-р Стојчев.
Не навлегувајќи во детали за инвестираното во последните години во здравството, секако дека тоа што двајцата доктори го посочуваат е многу поголемо од која било потрошена сума пари. А, тоа е вратеното достоинство и верба во професијата, и кај медицинскиот персонал и кај пациентите. Да не се заборави дека до неодамна и одржувањето на хигиената беше акутен проблем во македонското здравство. Бидејќи хигиената е половина здравје, а здравјето е пред сѐ, како што посочи аналитичарот од почетокот на овој текст.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 72. број на неделникот „Република“, 17.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Нов скандал во здравството: Отпадна најквалификуваната сестра, прва на листа, а се вработи последната
-
Панчо лут по приемот на Инфективна: Ако немаш врски на лекар, Господ нека ти е на помош!
-
Лекарите се налутија: Не го прифаќаат зголемувањето од 5 отсто


