Велат, кој еднаш бил на Пелистер, сигурно ќе дојде пак…
Постојат две приказни за тоа како Пелистер го добил своето име. Едни велат дека името потекнува од грчкиот збор “peristeri” што значи гулаб, поради белосивиот камењар, кој кога го гледате од далечина личи на гулаб.
Други веруваат дека е тоа од петтоигличниот бор – петтолистер, па оттаму – Пелистер.
Сеедно, Пелистер е едно од највпечатливите места не само во Македонија, туку и на Балканот. Неговата специфична убавина е таа што му го донесе статусот национален парк. Сепак, најзаслужен за тоа е Президиумот на Народна Република Македонија, кој на 30 ноември 1948 година реши Пелистер да го заштити и со закон, заедно со моликата. Овој петтоигличен бор го има и на други планини на Балканот, но тука ја изградил најкомпактна шумска заедница. Шетајќи низ Пелистер ќе наидете на стебла постари од 230 години.

Планината Баба, со врвот Пелистер, се наоѓа на јужниот дел од Република Македонија и е со алпски карактеристики. Пелистер е поставен меѓу долините на Пелагонија и на Преспа. Стар е околу 465 милиони години и е највисок врв во паркот со 2.601 метри надморска височина.Националниот парк Пелистер зафаќа површина од 17.150 хектари на надморска височина од 927 до 2.601 метри.
Националниот парк се карактеризира со многу природни феномени, со невообичаени структурни белези, специфична геолошка конструкција, несекојдневна планинска вегетација, поволни хидрографски услови, како и со специфични климатски услови, кои придонесуваат за комплетирање на ова природно богатство. Изобилува со уникатно природно богатство и претставува дом на ретки и ендемични животински и растителни видови.
Во пролет и во лето ливадите се накитени со разнобојни цветови од пелистерската небесна роса, пазикуќата и пелистерската качунка.
Глетката ќе ви ја збогати и летот на дневните пеперуги Scythris crupta и Scyrthris similis, кои живеат само на Пелистер. Тука се среќава и ноќната пеперуга Hadena clara macedonica, која ја има само во Македонија.
За да ги видите и доживеете сите убавини на планината Баба и Пелистер, на располагање ви стојат многубројни пешачки патеки: Детската, Историската, по Камењарот…
Не ви е потребна посебна физичка кондиција, туку само добра волја.
За туристите е посебно интересна туристичко – рекреативната зона, чиишто пространства спаѓаат во втората категорија на природни вредности со посебни природни карактеристики и убавини, кои може да се користат за одмор и за рекреација. Тука спаѓа зоната – Голема Ливада и зоната Нижо Поле.
Заштитен знак на Пелистер се бистрите изворски води во кои ќе ги забележите пелистерската и пелагониската пастрмка, водопадите и планинските езера, неколку сезонски и двете леднички – Големо Езеро и Мало Езеро, познати уште како и Пелистерски Очи.


Ако ја сакате археологијата, најдете време да ги посетите населбите од железната доба и од средновековниот период, кои се во непосредна близина на паркот. Следејќи ја долгата магистрала на познатиот пат од римско време – Виа Игнација,која поминува низ Пелистер, ќе имате можност да чекорите по патот по кој поминувале апостол Павле, македонската фаланга, римските легии и византиските цареви.
Сепак, Пелистер туристички е најпривлечен во зима, кога се отвораат и двете скијачки патеки, жичницата и ски-патеката Бегова Чешма – Копанки и ски–лифт и ски-патека Копанки.
Еден од најомилените објекти на битолчани и на сите планинари, планинарскиот дом „Копанки“, изгоре во големиот пожар, кој беше предизвикан од котелот за парно во јануари 2013 година. Иако помина речиси една година од трагичниот настан, а имаше и неколку акции за собирање пари за повторна изградба, планинарскиот дом остана само пусто место.

За потребите на туристите, на располагање е хотелот „Молика“, како и помалите хотели во подножјето на планината. Кога веќе сте се задишале од планинскиот воздух, а градите ви се полни со несекојдневниот пејзаж, следен чекор е токму градот што го штити Пелистер – Битола.
Текст објавен во прилогот „Патуваме низ Македонија“ од 66. број на неделникот „Република“, 6.12.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


