По минатогодишниот пречек на Новата година со легендата Кокс Бокс во спортскиот центар „Борис Трајковски“, „Г.Е.Н.“ за оваа година најавуваат уште една одлична забава. Овој пат во соработка со клубот „Хавана“, за новогодишната ноќ во Скопје доаѓа „Тотал еклипс“ со тричасовен настап во живо.
Зад името „Тотал еклипс“ стои французинот Стефан Холвек. Неговите почетоци се во дуото „Јуно реактор“ кое го има изработено и саунтракот за филмот „Матрикс релоудед“. Како „Тотал еклипс“ зад себе има 5 албуми и голем број синглови. Дел е од продукциската куќа „Мандала рекордс“, а неговите настапи прават бум на некои од најголемите транс фестивали. Пред скопјани тој ќе се претстави со тричасовен настап во живо кој никого нема да остави рамнодушен.
Домашна поддршка ќе бидат Кокс и Џантрикс кои се добро познати на македонската публика и кои на секој свој настап максимално го размрдуваат подиумот.
Влезниците за овој транс спектакл се веќе во продажба во кафе „Кино Карпош“ и „Ацид Веар“ по цена од 400 денари и се во ограничен број од 200 карти. По распродажбата на првиот контигент влезници, истите ќе чинат 600 денари.
Забавата ќе почне во 22.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.