
Поранешниот македонски репрезентативец Горан Попов и член на премиерлигашот Вест Бромвич Албион во живо го следеше натпреварот во Кардиф, во кој Македонија беше поразена од Велс со 1-0 и се најде на последното место во групата. Попов го нема во репрезентацијата уште од пред мечот со Србија кога тогашниот селектор Чеде Јаневски го избрка од тимот заедно со Стевица Ристиќ. Сепак, Попов не доби покана ни по заминувањето на Јаневски.
„ Жал ми е, навистина! Ова е и мој пораз, оти на теренот играа моите големи другари. Не бев на теренот и не жалам за тоа. Тоа што бев на трибините, а не во составот е прашање за некои други. Што да се прави, дојдоа и такви времиња. Некој друг треба да се праша зошто сме последни во групата. Имавме шанси, примивме гол и загубивме на начин како и многупати досега. Класичен англиски пораз. Тоа е реалноста и во неа ние сме последни во групата“, изјави Попов за „Македонски Спорт“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


