Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, информираше дека законот за медијација изготвен врз основа на најдобрите светски практики содржи низа новини кои ќе им овозможат на граѓаните и компаниите многу поефикасно, побрзо и поекономично решавање на споровите. Со медијацијата воедно, судовите ќе бидат растоварени за голем дел од постапките.
– Задолжително воведување на медијацијата пред судската постапка во определени случаи предвидени со материјалните закони, обезбедување субвенции од државата за одредени случаи на медијација, засилување на Комората на медијатори и формирање Одбор за медијација, се само некои од новините во законот, рече Ѓорѓиев.
Новина е и воведувањето одговорност за штета на медијаторите и нивната обврска да склучат осигурување спрема трети лица на износ не помал од 50.000 евра.
За да се биде медијатор неопходно ќе биде добивање лиценца со претходно полагање испит во три дела, но и стручност, кредибилитет, способност и квалитет.
– Првиот дел го проверува теоретското знаење, вториот ја утврдува способноста за спроведување процес на медијација во практиката, додека со третиот дел се оценуваат личните особини на кандидатот, карактеристиките, практичните вештини, способностите и знаењата за медијација, објасни портпаролот.
Првиот и вториот дел од испитот се полагаат писмено, на компјутер, со одговарање определен број прашања по електронски пат, а третиот се реализира како интервју.
Со законот е дефинирано медијацијата да трае максимум 180 дена.
– Во собраниска процедура веќе се измените на Законот за парнична постапка со кои се предвидува задолжителен обид за медијација кај стопанските спорови кои се во вредност до 1.000.000 денари. Во владина процедура пак се законски измени со кои ќе биде предвиден задолжителен обид за медијација во поедини случаи од семејното право и правото на заштита на потрошувачите. На овој начин ќе се растоварат судовите од голем број постапки, а странките ќе можат во еден процес кој е економичен и поефикасен да ги надминуваат споровите, истакна Ѓорѓиев.
Образложувајќи го текстот, тој нагласи дека медијацијата ќе се субвенционира само во случаи ако не е предвидена како задолжителна со посебниот закон и ако била спроведена пред почнување на судска постапка, една од страните во постапката за медијација е физичко лице, а медијаторот го пријавил предметот за медијација како завршен во Регистарот за евиденција на постапките за медијација и презентирал трошковник на пропишан образец за наплатени трошоци на постапката за медијација и наградата на медијаторот.
– Пропишано е дека државата субвенционира само една постапка за медијација меѓу исти страни за еден спорен однос за да не дојде до злоупотреби и да се спречи за еден ист спорен однос меѓу исти странки да се користат субвенции, рече Ѓорѓиев.
Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот ќе има централна улога во медијацијата, а ќе брои 10 члена именувани од Владата меѓу кои од стопанските комори, како и од Здружението на потрошувачи на Република Македонија.
Членовите на Одборот се именуваат за време од четири години. Едно лице не може да биде именувано за член на Одборот повеќе од двапати едноподруго. Претседателот на Одборот се именува за период од четири години без право на реизбор.
Комората на медијатори, пак, е предвидена како здружение на лиценцираните медијатори впишани во Именикот на медијатори. Детално се уредени нејзините акти и органи, финансирањето, надзорот. Новина во овој сегмент е воведувањето на Етички совет на Комората кој одговара директно на Собранието на Комората.
Согласно законот, предвидено е во рок од еден месец од денот на негово стапување во сила да се формира одборот за медијација, во рок од два месеца одборот да ги формира стручните и испитните комисии согласно одредбите на од овој закон, во рок од девет месеци по формирањето Одборот да го организира првиот испит за медијатори, а во рок од 10 месеци по формирањето, да почне со постапката за лиценцирање на медијаторите.
– Цениме дека со ова ново законско решение ќе се остварат поголем број придобивки и за странките и за општеството, ќе се даде поголема видливост и искористеност на медијацијата како соодветно ефикасно, ефективно и економично средство за решавање спорови со решенија без поразени и победници и споровите ќе се решаваат на конструктивно, посочи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


