| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонскиот убиец“ горд на своето македонско потекло

Македонците низ светот

Има само 22 години, а веќе заработува по осум милиони долари годишно само од професионалниот договор со својот клуб Тампа Беј. Нема официјална потврда за приходите од компаниите што со него имаат потпишано догор за маркетиншка соработка.

stamkos1

Стивен Стамкос не е само еден од играчите на клубот од Флорида во најдобрата светска НХЛ, туку е негов најдобар играч и еден од главните актери во американско-канадскиот хокеј, кому му предвидуваат дека ќе ги надмине квалитетот и славата на легендарниот Вејн Грецки. Го нарекуваат Снајпер или Убиец поради убиствениот шут, дриблингот и брзината, кои минатата сезона 2011/2012 му го донесоа ептитетот најдобар стрелец во најсилната лига со 60 постигнати голови. За негова несреќа, не игра во силен клуб, Тампа Беј е еден од просечните американски клубови и во последниве две години не беше дел од плејофот. Според стручњаците, тоа е единствената причина што досега не постигнал и повеќе голови и не урнал повеќе рекорди.

Стамкос е роден во 1990 година во градот Маркам, Онтарио, Канада, во семејство на прва генерација Канаѓани со македонско потекло. И неговиот татко Крис играл хокеј. Мајка му Лесли е со шкотско потекло. Има помлада сестра Сара.

Во март оваа година Стамкос го постигна својот 50. гол во сезоната, со што стана само шести играч во НХЛ што постигнал толку многу голови пред да наврши 23 години. Во последниот меч од сезоната го постигна својот 60. гол и стана 20. играч во историјата на НХЛ што го направил тоа.

Од грешка во сезоната до машина за правење пари

Тоа што го прави поинаков од другите е неговата способност да лизга со целосна брзина и истовремено да бара решенија за нападот. Најголем дел од другите играчи мораат да застанат или да забават. За разлика од нив, Стамкос никогаш не запира, што му дава предност во играта. Тренерите од НХЛ не можат да постават одбрана против него затоа што често остава впечаток дека е пасивен во играта, по што во одреден момент експлодира. Иако е сè уште е млад, игра како ветеран, вели за него неговиот некогашен ментор Стив Черман.

Во првата година како руки за малку хокеарските стручњаци ќе го прогласеа за грешка на сезоната откако во првите 10 натпревари не можеше да се снајде на теренот, каде што, просечно, поминуваше по минимални 10 минути. И тогаш во февруари 2008 година тркалото се сврти откако против Чикаго блек хоукс го постигна првиот хет–трик. „Оттогаш наваму сè е историја“, вели неговиот татко Крис.

Во кариерата освоил два медала на светски првенства. На јуниорското првенство во 2008 година, пред сè благодарение на неговите игри, Канада дојде до златниот медал, а следната година, откако беше повикан во сениорскиот тим на Канада, дојде до сребрениот медал на Светското првенство. Во финалето Канада загуби од Русија, за која играат неговите најголеми конкуренти за изборот на најдобар играч во Лигата, Евгениј Малкин и Александар Овечкин.

Покрај неговата вредност како играч и позитивниот карактер, Стамкос поради неговата мегапопуларност на американскиот континент се смета и за машина за правење пари и за цел на низа големи корпорации, кои сакаат да го видат неговиот лик на своите реклами. Тој е едно од заштитните лица на „Најк“, а поради договорот за реклама со „Тисо“ е обврзан да носи часовници од оваа позната марка. Има време и за хуманитарни акции. Се појави и во видеото „Вие можете да играте“ во рамките на кампањата посветена на борбата против хомофобијата во спортот.

 Омилена храна зелникот на баба

Стамкос е првиот етнички Македонец што во 2008 година успеа да биде првиот избор на драфтот за влез во НХЛ. Претходно тоа му успеа само на Ед Јовановски, легендата на американскиот хокеј, кој беше прв избор во 1994 година. Покрај Стамкос, во американско-канадскиот хокеј се активни и играчите со македонско потекло Стив Стаилос, Мајк Зигоманис, Хозе Теодор и Кристофер Танев, кои ги наследија веќе пензионираните Алек Стојанов, Крис Коцопулос и Стив Гацос. Близок пријател на Стамкос уште од дете, а сега и негов соиграч во Тампа Беј, е уште еден хокеарски ас, Мајк Ангелидис, кој е по потекло од Арменско, регион во денешна северна Грција. Уште два важни лика во професионалниот хокеј се Македонци, едниот е сопственикот на Детроит ред вингс Мајкл Илич, а другиот е поранешниот сопственик на Торонто мејпл ливс, Стив Ставро.

Омилена храна му е традиционалниот македонски зелник, кој му го подготвувала неговата баба. Најсреќен бил кога во неговото парче понекогаш за Бадник ќе ја најдел скриената паричка.

stamkos3
1

За време на неодамнешната посетата на македонската владина делегација на Канада во рамките на роуд шоуто, Стивен Стамкос присуствувал на средбите со гостите од Македонија, кои во оваа земја ги организирала македонската заедница. Се интересирал за сите аспекти на живеењето во земјава, пред сè за економијата и за спортот. Непосреден, скромен и духовит. Вака го опишува еден член на македонската делегација.

2

Грчката заедница во САД и во Канада на дебатите на интернет-форумите постојано се обидува Стамкос да го претстави како Грк. Неговиот татко води потекло од леринското село Баница од каде што неговиот дедо се преселил во Канада. Дебатите проретчија во 2008 година, кога на изборот за прв пик на драфтот на НХЛ Стамкос изјави дека е горд што е дел од културното наследство на етничките Македонци.

3

Татко му Крис Стамкос или Христо Стамков, исто така, бил хокеар, а во 1988 година заедно со неколку други Македонци пристигнал во Македонија, играл за тимот на „Сите македонски ѕвезди“ во обид да го промовираат хокејот во тогашната југословенска република при што играл против клубовите во единствената сојузна екслига. Горд е што неговиот син за неколку копја го надминал во хокеарските вештини.

 4

Стамкос е честа цел на папараци и на новинари, кои се интересираат за неговиот приватен живот. Го сметаат за еден од најпривлечните јавни личности и за еден од најпосакуваните ергени во Америка. Според шпекулациите што се шират на интернет, минатата година бил во врска со моделката Сандра Порцио. Минатата зима на добротворна аукција Стивен својот подарок го украсил со фотографија од Сандра, која, според медиумите, е негова љубов од средношколските денови. Нема официјални информации дали тие двајца сè уште се во врска.

 5

Минатата година олстар-центарот Стамкос потпиша нов петгодишен договор со Тампа Беј вреден 37,5 милиони долари. „Никогаш не помислив да си одам од овде“, изјави Стамкос по потпишувањето на договорот. Првиот човек на клубот, Черман, е убеден дека најдобрите години за Стамкос се пред него. Со головите и со асистенциите постигнати минатата година Стамкос потврди дека Тампа Беј го направил својот најдобар договор во последниве неколку децении.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top